Во САД ќе се користи лекот Сотровимаб како терапија против Ковид-19

– Американската агенција за храна и лекови го одобри лекот Сотровимаб против Ковид-19, произведен од британската фармацевтска компанија „Глаксосмитклин“ и нејзиниот американски партнер „Вир биотехнолоџи“.

Лекот е заснован на антитела и може да се користи за лекување на лесни до умерени случаи на Ковид-19, кај лица над 12 години и со тежина од најмалку 40 килограми.

Неговата употреба не е дозволена кај хоспитализирани лица или луѓе кои се на кислородна поддршка.

Третманот со „Сотровимаб“ во САД ќе стане достапен во следните недели.

Европската агенција за лекови минатата недела ја одобри употреба на „Сотровимаб“ кај пациенти со Ковид-19, кои можат да развијат тешка форма на болеста и кои немаат потреба од кислородна поддршка.