Во Софија состанок на меѓувладината работна група за европска соработка

LinkSense.mk

Состанок на меѓувладината работната група со Бугарија за европска соработка – зелена транзиција, дигитална трансформација и владеење на правото, ќе се одржи денеска во Софија, пренесе МИА.

На состанокот ќе присуствуваат вицепремиерите за европски прашања, Бојан Маричиќ, и за политики за добро владеење, Славица Грковска, како и министрите за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини, и за информатичко општество и администрација Адмирим Алити  и генералниот директор на Пошти на Северна Македонија, Јани Макрадули, најави Секретаријатот за европски прашања.

Работната група во изминатиот период имаше координативни состаноци на кои се разгледуваа можностите за интензивирање и зајакнување на практичната соработка во сфери кои се важни за граѓаните на двете држави и за темпото на реализација на европските реформи, како и за размена на искуства и добри практики значајни за евроинтеграцискиот процес.

За време на средбата ќе биде потпишан меморандум за разбирање за поштенска соработка меѓу Бугарски пошти ЕАД и АД „Пошта на Северна Македонија“ и двогодишна програма за спроведување на Договорот меѓу Министерството за животна средина и просторно планирање на Република Северна Македонија и Министерството за животна средина и води на Република Бугарија за соработка во областа на животна средина и заштита на водите, потпишан во 2019 година.

 

 

МИА