Во Турција приведени странци за поврзаност со нападот во „Реина“

Турската полиција денеска на аеродромот „Ататурк“ во Истанбул приведоа двајца странски државјани, поради основано сомнение дека се поврзани со нападот во истанбулскиот ноќен клуб за време на новогодишната ноќ, кога беа убиени 39 лица, а 69 беа ранети.

Двете лица се уапсени на влезот во меѓународниот аеродром и однесени во седиштето на полицијата во Истанбул.

Бројот на приведени за нападот во „Реина“ достигна 14 лица, а меѓу нив е и сопругата на напаѓачот. Приведена е во Коња, во централна Турција.

Полицијата не соопштува детали за осомничените.

Одговорноста за нападот ја презеде Исламска држава, а осомничениот сеуште е во бегство.

Се претпоставува дека напаѓачот во Турција пристигнал од Сирија, заедно со неговото семејство во текот на ноември минатата година.