Во Црна Гора најбарани се угостители и градежни работници

Работодавачите во Црна Гора оваа година огласиле вкупно 28.232 слободни работни места, што во однос на истиот период од минатата година, кога беа огласени 26.312, е повеќе за 1.920 или 7,3 отсто, пренесе РТЦГ.

Помошникот на директорот на Секторот за евиденција и истражувања во областа вработување Горан Бубања за подгоричка „Победа“ изјави дека најголема побарувачка имало за средношколските занимања со завршен трет или четврти степен стручна спрема – 12.479 или 44,2 отсто, потоа за занимања од прв и втор степен стручно занимање – 11.259 или 39,9 отсто и за високообразовани 4.494 или 15,92 отсто.

„Најмногу се барани занимања од областа на угостителството и туризмот – келнери, кувари, собарки и рецепционери, потоа градежни работници, трговци…“, изјави тој за „Победа“.

Според неговите зборови вкупниот број невработени е помал за 16,5 отсто отколку минатата година.

„Во евиденцијата на Заводот за вработување се вкупно 34.247 невработени, што во однос на истиот период од лани, кога имало 41.013, има 6.766 помалку или 16.5 отсто. Најмногу има средношколци со завршен трет и четврти степен (16.395 или 47,9 отсто), потоа лица со завршен прв и втор степен стручна спрема (13.217 или 38,6 отсто) и високообразовани (4.635 или 13,5 отсто). Меѓу високообразованите во евиденцијата има 193 магистри и 15 доктори на науки“, посочил Бубања.

Споредувајќи ги понудите на невработени евидентирани во Заводот и побарувањето на работодавачите, тој истакнува дека кај повеќето занимања понудата во значителна мера ја преминува пријавената побарувачка.