Во меѓународна акција која ја предводеа припадници на Министерството за внатрешни работи на Србија, во соработка со Јавното обвинителство за организиран криминал и БИА, а во координација со Европол и неколку европски полиции, во едрилица во Атлантскиот Океан пронајдени се и запленети 2,7 тони кокаин, додека во Србија заедно со уште тројца осомничени е уапсен организаторот на оваа криминална група – С.К.(70), соопшти српското МВР.
Освен С.К., во Србија, уапсени се и тројца членови на групата, Н.С. (35), Н.С. (43) и Б.К. (40).
Истрагата за таа криминална група, белградската полиција ја покренала на почетокот на 2022 година, поради сомнение дека се занимава со шверц на кокаин на големо од Јужна Америка во Европа, а активностите против оваа мрежа биле координиран и предводена од Европол, во рамки на оперативната работна група „Балкански картел“, се наведува во соопштението.
Во операцијата која ја предводеше Србија, учествуваа надлежни органи од Шпанија, Бразил, Хрватска, Франција, Полска, Португалија и Словенија.
Врз основа на заедничка оперативна работа, на 24 август, уапсени се шест лица, од кои четири на територијата на Србија, извршен е претрес во 15 станови, запленети се две возила од висока класа, скапи рачни часовници и над 550.000 евра.
Исто така, во рамки на финансиската истрага, блокирани се поголем број банкарски сметки и имоти.
Се сомнева дека оваа организирана криминална група транспортирала кокаин од Јужна Америка, обезбедувала едрилици и дека испраќањето пратки се вршело со користење шифрирани платформи за комуникација.