Научниците објавија дека контрастното средство кое веќе се користи во медицината ги намалува токсичните ефекти врз лабораториските глувци против дејството на отровот на најсмртоносната печурка во светот – зелената пупка, за која лек се уште не е пронајден.
Тим научници предводени од Кинези објавија дека средството, кое допрва треба да се тестира на луѓе, но веќе за други намени е одобрено од американската Агенција за храна и лекови, има потенцијал да „спаси бројни животи“.
Зелената пупка (лат. Amanita phalloides), според проценката, предизвикува 90 проценти од сите смртни случаи од труење со печурки во светот.
Оваа печурка многу наликува на други видови што луѓето вообичаено ги берат во природата. Но, дури и само половина изедена зелена пипка може да предизвика смртоносно откажување на црниот дроб или бубрезите.
Потекнува од Европа, а се прошири низ целиот свет, предизвикувајќи повеќе од 38.000 болести и речиси 800 смртни случаи само во Кина во периодот од 2010 до 2020 година.
За студијата објавена во списанието „Природни комуникации“ (Nature Communications), научниците го истражувале дејствувањето на алфа-аманитин, главниот отров што го произведува оваа печурка.
Тимот предводен од научник од Универзитетот Сун-Јат-сен во Кантон (јужна Кина) се обиде со КРИСПР (CRISPR) технологијата да го „погоди“ тој отров.
Станува збор за релативно нова технологија која им помага на научниците да ги разберат специфичните улоги на гените при инфекции и труења. КРИСПР е кратенка за Групирани правилно раздвоени кратки палиндромски повторувања (анг. Clustered regularly interspaced short palindromic repeats).
Научниците претходно ја користеа оваа технологија за да го пронајдат потенцијалниот отров на кумбомедузата, едно од најсмртоносните животни во светот.
Технологијата КРИСПР го идентификуваше протеинот „СТТ3Б“ (STT3B) како клучен во отровното дејство на зелената пупка.
Потоа во базата на податоци побараа лекови кои американската Агенција за храна и лекови веќе ги одобрила и пронајдоа молекула што може да го инхибира тој злогласен протеин.
Зелениот индоцијанин индикатор (ICG – Анг. Indocyanine green) се вбризгува интравенски и се користи со децении во САД и Европа и на други места за дијагностички цели за испитување на функцијата на црниот дроб пред операција и за испитување на срцето.
Научникот Киаопинг Ванг, водачот на тимот, вели дека биле „вчудоневидени од таа врска“.
Прво, во лабораториски сад, го тестирале противотровот на клетките на црниот дроб, а потоа и на глувци.
Во двата случаи „се покажал голем потенцијал за ублажување на токсичниот ефект“ од труење со печурки.
„Оваа молекула има огромен потенцијал во лекувањето на случаи на труење со печурки кај луѓето и можеби е првиот специфичен противотров насочен кон протеините“, рече Ванг.
„Тоа би можело да спаси многу животи ако се покаже дека е исто толку ефикасна кај луѓето, како што тоа беше кај глувците“, истакна научникот.
Тимот сега има намера да спроведе испитувања на луѓе.