Граѓански организации: Да се активираат армијата и полицијата за здрава животна средина

„Здружени граѓански организации и иницијативи во отворено писмо бараат од претседателот на државата Стево Пендаровски и од премиерот Зоран Заев да активираат припадници на армијата и полицијата за да се заштити правото на граѓаните на здрава животна средина, како што укажуваат, согласно со член 43 од Уставот и да се одржи јавниот ред и мир во општеството, согласно член 3, член 5 и
член 14 од Законот за полиција.

„Секојдневно сме сведоци на запалени депонии, палење на оган на отворено и шумски пожари, кои го загрозуваат здравјето и физичкиот интегритет на граѓаните. За таа цел, бараме припадници на армијата и полицијата во координација со сите капацитети на Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалните центри за управување со кризи, Општинските штабови за заштита и спасување, Државниот инспекторат за животна
средина, Државниот комунален инспекторат, Инспекторат на Град Скопје и инспекторатите на општините-активно да се вклучат во неколку активности, стои во писмото на „О2 Иницијатива“.

Оттаму бараат да се организираат секојдневни патроли на припадници на армијата и полицијата на терен со цел да се превенира и санкционира палење огнови на отворено, пред сè, палење отпад и диви депонии, како и да се организираат ноќни дежурства на припадници на Армијата и Полицијата со помош на припадници на ДЗС и РЦУК и општинските штабови за ЗиС на критични точки во Градот Скопје и низ Републиката, кои се најфреквентни места за палење на огнови на отворено. Воедно да
се едуцираат граѓаните на терен за штетните последици од палењето на огнови и отпад на отворено, од здравствен аспект, да се организираат редовни патроли на припадници на армијата во национални паркови и планински предели кои се најфреквентни и најподложни на пожар.

Сметаат дека армијата и полицијата можат и мораат активно да се вклучат во заштита на своите граѓани, нивното здравје и живот, на животната средина и со своето присуство на терен да делуваат согласно со законските ингеренции, со цел да се спречат вакви појави.