Груевски му се закани на Заев со ликвидација!?

Никола Груевски на митингот на ВМРО-ДПМНЕ во Делчево, осврнувајќи се на обраќањето на Зоран Заев неколку дена пред тоа во истиот град, кога лидерот на СДСМ се повика на Гоце Делчев, отворено му се закани на неговиот политички противник со ликвидација.

Груевски, директно, испрати порака како, според него, требало да заврши приказната со лидерот на коалицијата „За живот во Македонија“.

„И тој дојде овде во Делчево и зборува, да станел Гоце Делчев, што ќе кажел за нас како Влада, која што изгради толку многу работи, која што привлече толку многу инвеститори, која даде толку многу енергија, сила, помош на земјоделците во Македонија и редица други работи. Тој најде да го цитира Делчев. Јас ќе му кажам. Да беше Делчев денеска жив, тој нема да можеше со него да се поздрави, на него ќе му беше пратен само Ќосето да ја заврши приказната со таков човек”, му порача Груевски на Заев.

Патем, го обвини дека се потпира на албанската дијаспора, односно дека им дал ветување и пред нив се обврзал, „ако тие нему му помогнат да дојде на власт, тој ќе им помогне да си ги реализираат проектите за двојазичност на целата територија, промена на Уставот, рушење на рамките на Охридскиот договор и кантонизација“.

Говорот на Груевски пред делчевчани беше повод за лавина реакции на социјалните мрежи.

Според многумина, се чини дека е погрешен ставот оваа изјава да се очени како изборна реторичка грешка на една изгубена човечка душа.

„Има ли Груевски предвид некое свое Ќосе. За вакви изјави треба да биде суспендиран од кампањата. Ова се закани по живот, а не глупави метафори“, напиша професорот Ѓорѓи Спасов не неговиот Фејсбук профил.

Надлежните институции се очекува денес да се произнесат за ставот лодерот на моментно владеачката партија, дали во него има, или не, повик за насилство.