Груевски: „Ние не сме за федерализација“

„На 11 декември граѓаните ќе гласаат за суверена и унитарна држава“, порача вечерва од Ресен лидерот на ВМРО – ДПМНЕ и носител на листата во изборната единица 4 Никола Груевски.

Давајќи го гласот за ВМРО – ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, напомена тој, граѓаните ќе докажат дека се против идеите за федерализација или кантонизација на Република Македонија.

„Граѓаните на Струга, на Кичево, на дел од Скопје, на Тетово, Гостивар и Дебар најдобро ги знаат искуствата и експериментите на СДСМ, бидејќи ги почувствуваа на своја кожа. Македонија не смееме да дозволиме да биде нечиј експеримент и вие граѓаните овде во Ресен тоа ќе го докажете затоа што знаете кои се последиците од сето тоа, рече Груевски.

Правејќи споредба меѓу владеењето на СДСМ и ВМРО – ДПМНЕ, тој посочи дека има голема разлика во пристапот на политиката на двете партии.

„Нашиот пристап во политиката е да се сменат работите на подобро и да се создадат дела, мерки, проекти, да се преземат работи со кои ќе се решат проблемите на граѓаните. Тоа го покажавме во изминатиот период на нашето работење, предводникот на листата за пратеници во „четворката“ од коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Груевски.