Груевски отвори „војна“ со амбасадорите

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, со прогласот што го прочита пред седиштето на Државната изборна комисија, усвоен од страна на Извршниот комитет на партијата, влезе во отворена војна со амбасадорите во Република Македонија.

Ги обвини дека премногу се мешаат во внатрешните работи на земјата и дека со притисоците што ги прават врз членови на ДИК и врз судии во Управниот суд, се обидувале да ја изиграат изборната волја на народот.

Раководството на партијата, а и членовите, биле револтирани од ваквиот, според него, несвојствен начин на работа на странски претставници, заради што како што најави ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема да присуствува на партиски состаноци што ќе бидат организирани, или на нив ќе присуствува кој било од странските дипломати во Македонија.

ВМРО-ДПМНЕ, исто така, немало да учествува во прегласување, доколку одлуката на ДИК биде потврдена и од страна на Управниот суд и ќе се бори за десороизација на Македонија и јакнење на независен граѓански сектор под ничија контрола, а од скоро време партијата ќе пристапела кон регулирање на финансирање на невладините организации како во најнапредните држави во светот.