Груевски: Со 63 пратеници нема да има криза во Македонија

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, кој е носител на кандидатската листа за пратеници во четвртата изборна единица од Пробиштип порача дека единствен начин да излеземе од кризата е Коалицијата за подобра Македонија да добие 63 пратенички места.

„Видоа дека ќе изгубат, па сега велат дека разликата ќе биде мала и дека ќе прават голема коалиција. Голема коалиција е само пролонгирање на кризата, а исто така и продолжување со работа на СЈО, надвор од законските 18 месеци. Продолжувањето на кризата се прави со цел да се остварат туѓи интереси. Има само еден начин да се излезе од оваа криза, а тоа е поддршка за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за 63 пратеници, рече Груевски.

Тој најави дека во следниот период планираат зголемување на просечната плата со отворање на нови работни места, како и зголемување на пензиите и социјалната помош.

На митингот се обрати и генералниот секретар на партијата Емил Димитриев, кој најави реконструкција на патот од Пробиштип до Крупиште, изградба на нов пат од Пробиштип до ски центарот Пониква, гасификација на Пробиштип и реализација на втората фаза од хидросистемот Злетовица.

Носителот на листата во Третата изборна единица Илија Димовски потсети дека во изминатиот период Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ вложувала во изградба на капацитети и привлекување на странски инвеститори.

Тој порача дека на овие избори народот мора два пати да размисли за кого ќе гласа, бидејќи, како што рече, овие избори се референдум за Македонија и за унитарноста на државата.