Гутереш за „Гардијан“: Светот се соочува со пандемија на кршење на човековите права

– Првиот човек на светската организација, Антонио Гутереш, изјави дека една година по избувнувањето на пандемијата на коронавирусот светот покажа дека се соочува и со пандемија на кршење на човековите права.

„Пандемијата со Ковид-19 ги ​​продлабочи постојните поделби, слабости и нееднаквости и отвори нови прашања, вклучувајќи ги и прашањата за човековите права“, напиша Гутереш во авторскиот текст за лондонски „ Гардијан“.

Проценувајќи дека коронавирусот се шири затоа што сиромаштијата, дискриминацијата и уништувањето на природната средина создадоа голема слабост во нашите општества, Гутереш посочи дека животот на стотици милиони семејства претрпел големи промени поради загубите на работни места, зголемените долгови и паѓањето на приходите.

Според него, особено погодени се работниците во првите редови на борбата против вирусот, лицата со попреченост, старите лица, жените и малцинствата, додавајќи дека во неколкуте последени месеци напредокот во областа на родовата еднаквост е вратен од пред неколку децении.

Генералниот секретар на ОН во авторскиот текст посочува и дека најголемиот товар на домашните обврски го презеле жените, додека насилството врз нив е зголемено во сите форми, од злоупотреба преку Интернет до семејно насилство, трговија со луѓе, сексуална експлоатација и детски бракови.

Гутереш предупреди дека екстремната сиромаштија е зголемена првпат по неколку децении.

Тој особено укажа на неуспехот да се обезбеди правичност во вакцинацијата против коронавирусот.

„Само 10 земји примија повеќе од 75 проценти од сите произведени вакцини против Ковид-19, додека повеќе од 130 земји немаат примено никаква доза на вакцина“, посочи тој за „Гардијан“.

Генералниот секретар на ОН додаде дека коронавирусот ги наруши и политичките и граѓанските права, додавајќи дека, користејќи ја пандемијата како изговор, властите во некои земји воведоа вонредна состојба за да се справат со неистомислениците, да се замолчи независното известување и да се ограничат невладините активности.

„Ковид-19 утврди две основни вистини за човековите права. Прво, кршењето на човековите права им штети на сите, и второ,  човековите права се универзални и сите не штитат подеднакво“, посочи Гутерес.