Илјадници украински млади со наведнати глави одат по улиците. Не сакаат регрутирање за војната која трае веќе две години, на која не и се гледа крајот.
Артем е внимателен кога излегува надвор. Тој избегнува места како што е подземната железница каде што полицијата проверува документи барајќи лица кои ја избегнуваат војската.
„Некои од моите пријатели се параноични, воопшто не излегуваат“, вели тој во изјавата за „Политико“.
Изгледа како бегалец, на главата има капа што му ги покрива очите дури и кога е облачно. Пред да влезе во кафулето за да се сретне со репортерот на „Политико“, раскажа, добро ја разгледал улицата, а кога седнал, посочил дека ќе зборува тивко за никој да не може да го слушне.
На почетокот на руската агресија на нивната земја, младите и старите ги преплавија центрите за регрутација, желни да дадат свој придонес. Некои биле фрустрирани затоа што веднаш не биле регрутирани и гласно негодувале за тоа.
Украинската војска не можеше да ги прими сите поради недостаток на ресурси и опрема, но успеа да собере нови единици, да ги прошири постоечките и да импровизира за да го спречи руското оклопно вооружување кое тргна кон Киев.
Тој ран излив на патриотски жар, вели, исчезнал со текот на времето, кога војната влезе во третата година, поради вреќите со тела со загинати војници, а мажите се враќале дома повредени и деформирани.
Песимизмот во Киев зема замав, а се повеќе луѓе се прашуваат дали Украина е воопшто способна да ја победи руската војска, заклучува новинарот на „Политико“ во текстот посветен за состојбата во украинскиот главен град.
Украина треба да регрутира уште многу луѓе за боиштето, но властите се поделени околу тоа дали да ги убедат или принудат. Се плашат од политичките последици доколку го изберат второто.
Од руската инвазија пред две години, отворени се околу 9.000 случаи за избегнување на воениот рок, според украинското Министерство за внатрешни работи, но тие бројки само ја загребаа површината на прашањето за бегањето од воената обврска.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски признава дека тоа прашање е „чувствително“. Дури и во неделите кои и претходеа на руската инвазија, во февруари 2022 година, тој се спротивстави на повиците на опозициските пратеници во Киев да се објави општ повик за мобилизација.
Најитна потреба сега е да се ангажираат повеќе војници кои ќе можат да бидат распоредени долж линијата на фронтот долга 1.000 километри пред очекуваниот голем руски продор кон Харков на североисток или кон Одеса на југ.
Со оглед на зимската кал која почнува да се суши и пролетта што е веднаш зад аголот, украинските воени претставници стравуваат дека координираната руска офанзива ќе започне во следните неколку недели или месеци, заклучува новинарот.
На Украина, наведува тој, не и недостасува само муниција, особено артилериски гранати и противвоздушни ракети, туку и војници кои би биле подготвени за руски напад. Просечната возраст на украинските војници на линијата на фронтот е 43 години – и има сè повеќе докази за избегнување на обврската кон татковината.
Би-Би-Си неодамна објави дека 650.000 Украинци способни за војна побегнале од земјата во изминатите две години, а повеќето ја преминале границата со Полска и Словачка. Некои имале лажни документи за изземање што им дозволувало да ја напуштат државата и покрај забраната за излез на военоспособни мажи.
Минатата година на суд се нашле речиси 1.300 лица кои го избегнале регрутирањето, но официјалните лица признаваат дека тоа е само мал дел од оние кои одбиле да одат на боиштето.
На сила е нацрт-систем за надополнување на редовите со волонтери, но законодавачите велат дека тој е нефункционален бидејќи илјадници мажи избегнуваат да се регистрираат и не ги оставаат своите податоци за местото каде престојуваат. Спроведувањето е случајно, во голема мера зависи од случајните проверки на документи од страна на полицијата, која во некои делови од земјата е повнимателна отколку во други.
Московските трупи моментално ја надминуваат бројката од 400.000 војници, со уште 100.000 во близина на украинската граница.
Киев, пак, вкупно располага со 680.000 припадници на активниот воен персонал, од кои околу 200.000 се на фронтот.
Од друга страна, Русија има 1,2 милиони војници, според податоците на Меѓународниот институт за стратешки студии.
Генералштабот на Украина минатата година изјави дека стравува оти Русија би можела да размисли за мобилизирање од 400.000 до 700.000 дополнителни војници.
Во декември, Зеленски рече дека ќе бидат потребни 450.000 до 500.000 дополнителни војници за Украина да и се спротивстави на Русија во 2024 година. Украинскиот парламент веќе со недели размислува за нов закон за мобилизација, според кој минималната возраст за регрутација ќе се намали од 27 на 25 години. Возраста всушност беше намалена со посебен закон минатиот јули и одобрен од страна на парламентот, но Зеленски никогаш не го потпиша. Тој во целост не објасни зошто.
Новиот предлог-закон неколку пати е преправан, а предвидува регрутирање на уште 400.000 украински војници. Меѓутоа, во парламентот дојде до застој, затоа што пратениците се спротивставија на некои казнени мерки што ги сметаат за неуставни, како што се ограничување на сопственичките права на лицата кои нема да се отповикаат на поканата за служење на воениот рок, конфискација на нивните автомобили и замрзнување на банкарските сметки.
„Таквата мерка е многу непопуларна“, изјави Микола Књажицки, претставник на опозицијата од Лавов.
Вели дека за волја на вистината, мобилизацијата била жежок политички компир и никој не сакал да го „држи“. На армијата и требале многу повеќе мажи. Но, Зеленски не сакал да ја преземе одговорноста за мобилизацијата напоменувајќи дека тоа зависело од владините министерства, а тие, пак, се плашеле да не изгорат и одговорноста ја префрлаат во парламентоа, кој потоа ја работата ја враќа назад, и се така во круг…
И додава:
„Дури и мнозинството претставници од партијата на Зеленски (Слуга на народот) се против законот, велејќи дека е во спротивност со европските конвенции за човекови права.Ова станува вистинска збрка.Во Лавов луѓето купуваат станови, но не потпишуваат купопродажен договор за да избегнат формална регистрација или го регистрираат на име на пријател, затоа што се плашат дека подоцна може да им биде одземен.Други ги празнат сметките во банка во случај да се донесе законот.Тие не сакаат државата да им ги замрзне парите“, рече тој.
Ниту малку не помага фактот тоа што од првите борбени линии доаѓаат се повеќе приказни за недостиг на оружје и артилериски гранати.
„Има офицери кои на телевизија велат дека ако не добиеме уште пари и муниција од САД и Европа, дека сите на фронтот ќе загинат за неколку недели, затоа што Русите произведуваат многу беспилотни летала и имаат повеќе гранати“, луто изјавува Књажицки.
Ваквите прогнози не помагаат да се убедат Украинците како Артем да им се придружат.
„Не постои вистинска политичка волја да се донесе закон што ефективно би функционирал – толку пати досега беше одложуван“, изјави поранешната вицепремиерка, Иванна Климпуш-Цинцадзе, сега пратеник од опозицијата.
„Нерешителноста на Западот во давањето воени резерви и оружје што ни се преку потребни не помага во мобилизацијата“, додаде таа.
Артем вели дека тој и неговите пријатели кои избегнуваат мобилизација, исто така, се плашат дека со месеци и години ќе бидат заглавени на фронот.
„Млад сум и сакам да го живеам својот живот, а тешко е да одам таму не знаејќи кога ќе се вратам на нормалниот живот. Имам пријатели кои беа доброволци на почетокот на војната и се уште се борат. Значи, тоа е како билет во еден правец“, вели тој.
Продолженото време на боиштето предизвикува плач од уморни украински борци кои бараат демобилизација или ротација со долготрајно закрепнување.
Нивните роднини ја сакаат истото: во неделата, десетици семејства на војниците од првата линија се собраа на плоштадот Мајдан во Киев за да побараат нивните сопрузи, татковци и момчиња да бидат тргнати од бојното поле, тврдејќи дека тие го направиле своето, дека го одработиле својот дел, и сега мора да бидат демобилизирани или да добијат голем одмор.
Но, тоа не може да се случи додека поголем број Украинци не се пријават и не поминат обука.
Дел од пратениците се за намалување на времетраењето на воениот рок предложен во предлог-законот за мобилизација, од 36 на 18 месеци.
Минатиот месец, Михаило Подољак, висок советник на Зеленски, рече дека луѓето ќе треба сами да одлучат за цената што се подготвени да ја платат за независноста на Украина.
Тоа, според него, ќе им помогнело на обичните Украинци да не чувствуваат дека поддршката од Западот слабее. Патем се прашуваше дали Украина е толку различна од другите современи европски земји.
„Постои ли некоја земја во која сите во целост ќе учествуваат во војна во каква што е Украина? Ми се чини дека би било многу тешко да се спроведе таква мобилизација во која било европска земја, благо кажано, дури и многу потешко отколку во Украина. Мора да земете во предвид дека луѓето имаат многу вложено во своите кариери и добри животи“, истакна тој во изјавата за „Политико“.
„Поинаку е за Русите – многу луѓе имаат низок животен стандард и се невработени, а во војска земаат добра плата, а потоа им се кажува и дека можат неказнето да убиваат и крадат“, рече Подољак и посочи дека гледањето на проблемот само низ призмата на мобилизацијата ја промашува поентата.
„Глупаво е да размислувате за голи бројки кога се борите против Русија. Живееме во ера на висока технологија. Зошто луѓето треба да се борат ако имате доволно прецизно оружје – дронови, пресретнувачи, проектили со долг дострел? Колку повеќе алатки имаме во форма на прецизно оружје, толку помалку пукање имаме“, истакна тој.
Украина меѓутоа нема доволно од тоа високотехнолошко оружје. Па дури и ако добијат таква работа, Украинците можеби нема да ја надоместат поголемата руска работна сила, заклучува новинарот во својот текст.
За Артем, малку е тоа што би можело да го убеди да се пријави.
„Мајка ми е медицинска сестра и таа знае како изгледаат ранетите. Одлучно ми зборува да не се мешам во тоа“, вели тој.
(Фото: ЕПА)