Дилан не доаѓа по Нобеловата награда

Овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за литература Боб Дилан нема да дојде на церемонијата на доделување на наградите во Стокхолм, соопшти Шведската академија.

Од Академијата наведуваат дека Дилан рекол дека „сака да може да ја прими наградата, но дека тоа поради други обврски за жал е невозможно“.

Американскиот кантавтор кон крајот на октомври изјави дека ја прифаќа Нобеловата награда за литература со што го прекина двонеделното молчење од кога му е доделено тоа највисоко светско признание за неговата вкупна работа.

Тој рече дека „останал без текст“ кога слушнал дека станал првиот музичар кому му е доделена оваа награда и дека „многу го цени тоа“.

На рок музичарот и поет дадена му е Нобеловата награда за литература на 13 октомври со образложение на Нобеловиот комитет дека е награден за „создавање на нови поетски изрази во рамки на големата американска поетска традиција“.

Одлуката Дилан да добие Нобелова награда наиде на пофалби, но и на критики од светот на литературата.

Некои писатели наведуваат дека наградата е заслужена, како и тоа дека песните и поезијата се блиску поврзани.

Други, пак, сметаат дека признанието незаслужено отишло во рацете на Дилан.