Европски филм за млада публика во пет градови, денеска во Неготино

– Здружението на филмски продуценти на Македонија МЗФП Скопје, до 15 ноември го организира проектот „Европски филм за млада публика“, во рамки на кој ќе бидат
прикажани три европски филмови во пет градови во земјава. Денешната проекција е во Неготино, а се продолжува во Струмица, Кавадарци, Гевгелија.

– Во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ – Неготино ќе биде прикажан филмот „Други девојки“. Филмот е за четири 18-годишни девојки, Џесика, Џени, Тару и Аино, кои влегуваат во светот на возрасните губејќи ја невиноста, а на моменти и нивната верба.

Тие снимаат провокативни видео записи за нивните животи во времетраење од една година. Филмот се базира на вистинити настани, појаснија од Здружението.

На 31 октомври во Неготино ќе биде прикажан и тинејџерскиот трилер „Враќањето на Хана“ во режија на Естер Бијалас. Истиот ден во рамките на проектот, во ЦК „Антон Панов“ – Струмица ќе бидат прикажани филмовите „Други девојки“, „Враќањето на Хана“, како и германскиот филм „Тегла полна живот“ со актерката Јела Хазе. „Тегла полна живот“ беше претходно прикажан во Домот на културата „Крсте Петков Мисирков“ Свети Николе.

Проекциите продолжуваат и во Домот на културата „Иван Мазов Климе“ во Кавадарци и Домот на култура „Македонија“ во Гевгелија.

– Преку овој проект сакаме да и презентираме на младата публика филмови кои се различни од холивудските и да ги запознаеме со културните вредности од европските земји, но и да им ја доближиме европската кинематографија, нагласува организаторот.

Проектот е поддржан од Министерството за култура во рамките на манифестацијата „Нов културен бран“.