Обвинителството беше транспарентно и отчетно а нападите најчесто неосновани – со ваква писмена порака Љубомир Јовески го завршува шестгодишниот мандат како прв човек на републичкото јавно обвинителство.
Се согласува со ниските оценки за борбата против корупцијата во последниот извештај на ЕК, но не и со лошите критики кои беа упатени на адреса на обвинителството.
„Ниту една критика не е насочена директно кон обвинителството. Напротив, се инсистира државата да ги обезбеди и да ги зголеми ресурсите за непречена работа на Јавното обвинителство. Сакам да истакнам дека често поради непознавање на реалната состојба или намерно, правосудството, а со тоа и Јавното обвинителство, се цел на неосновани напади“, вели Јовески и додава дека токму од вакви интереси секој си правел анкети и ги презентирал како релевантни.
„Анкетите, онака како што се прават за политичарите и политичките партии, не се соодветни за мерењето на довербата во работата на Јавното обвинителство“, истакна Јовески, па споделува податоци од необјавена анкета на Светска Банка за перцепцијата во правосудството.
„Колку се ефикасни правосудните институции? Генерално позитивна оценка дале 28% од граѓаните и 33% од бизнисмените. Запрашани за ефикасноста конкретно во нивниот предмет за оние што имале такво искуство 47% од граѓаните и 37% од бизнисмените рекле дека се задоволни“, се дел од наодите во анкетата која ја споделува Јовески.
На кои анкети, се реферира Јовески не пишува, но според последната на ИРИ која смета за најрелеватна, обвинитеслтвото е на последното место според довербата на граѓаните во инистуциите.. Само 1% имаат целосна, а уште 17% делумна доверба, наспроти 78% кои имаат голема или делумна недоверба..
Обраќањето го завршува со порака до колегите обвинители да бидат истрајни во потрагата по правдата но и со заклучок дека во изминатите шест години можело да се направи и подобро и повеќе, но ниту во еден момент не престенал да се залага за подобри резултати.
На местото на Љубомир Јовески од утре вршител на должност е обвинителката Соња Симовска која Советот на ЈО ја назначи додека да заврши постапката за ибор на нов државен јавен обвинител, позиција за која претендираат тројца кандидати – Фатиме Фетаи, Лидија Раичевиќ и Љупчо Коцевски.
(Извор/Фото: Канал 5)