Загреб: Мистериозно исчезнување на турскиот амбасадор

Хрватскиот „Национал“ објави приказна која ја добил од два дипломатски извори за исчезнување на турското аташе за култура Бекир Алпулу и поранешниот амбасадор Ахмет Тута.

Се тврди дека неколку турски дипломати се грабнати во Загреб, дека се ставени во црни вреќи и пренесени во Турција.

Деталите не се познати, а хрватскиот министер за внатрешни работи Влахо Орепиќ потврди дека приказната дошла до него и дека детално треба да се информира.

Не се огласува ниту турската амбасада во Хрватска.

Според наводите на одделни хрватски и српски медиуми, се започнало неодамна, со заканите кои ги добила Мина Тута, сопругата на турскиот амбасадор.

Се шпекулира дека заканите дошле од сегашните турски власти кои биле незадоволни од однесувањето на својот дипломатски претставник и неговата сопруга после неуспешниот воен удар против претседателот Реџеп Таип Ердоган.

Имено, Тута и дел од дипломатите акредитирани во Загреб, биле крајно незадоволни од начинот како Ердоган се пресметувал со своите политички противници, особено кога од Турција стасале информациите за масовни смени и апсења.

Веднаш после првите чистки во Турција почнале и промените во дипломатските мисии ширум светот, а турските власти го предупредиле и официјален Загреб дека ќе бараат отповикување на некои дипломати.

Наводно, турската страна после летото побарала од домаќините во Хрватска да го прекинат дејствувањето на Бекир Алпула и да не му се признава дипломатскиот пасош.

Желбата на турските власти била тој итно да биде префрлен во Турција.

Алпула контактирал со многу дипломати во Загреб и барал од нив да му помогнат.

Приказната за тешката состојба на дел од членовите на турската мисија во Загреб со денови се шири, но без детали што навистина се случува.

Во последно време не е виден ниту военото аташе во БиХ, Ајтуг Секер.