Заев: Коалиција со Груевски е коалиција со режим

„Овој парламент ќе ја штити и спроведува волјата на граѓаните на Македонија, Овој парламент никогаш повеќе нема да се сврти против народните избраници и граѓаните. Ви гарантирам, ќе бидеме чувари на волјата граѓаните, кои над 600.000 избраа слобода, живот и правда, истакна денеска лидерот на СДСМ“, Зоран Заев, во неговото обраќање до јавноста од пред Собранието.

Заев додаде и тоа дека демократските процеси во Македонија биле почнати и никој не можел да ги запре.

„Режимот е поразен. Сите партии мора да ја почитуваат волјата на граѓаните искажана на последните избори. Посебна одговорност имаат лидерите на партиите кои не смеат да помислат заради лични, финансиски и коруптивни причини или водени од теснопартиски интереси да не ја испочитуваат волјата на граѓаните. Да им кажам на партиите кои имаат пратеници дека евентуална коалиција со Груевски е коалиција со режим и диктатура“, посочи Заев.

Тој ја осуди, како што рече, реториката на омраза што ја практикува Никола Груевски против меѓународните партнери и невладините организации.

„Груевски е лицето на конфликтот и најмногу поради тоа, неговото време во политиката е завршено“ рече Заев.

Заев, меѓу другото, ги навести и промените, најави дека седниците за пратенички прашања ќе се држат еднаш неделно, наместо еднаш месечно и дека секој граѓанин ќе има увид во тоа како се трошат народните пари, а криењето на јавниот долг ќе стане кривично дело.

„Не само што нема да се затвориме за јавност туку ќе бидеме целосно транспарентни, се обврзавме за живот во Македонија. Оној 24 декември го оставаме во црната меморија исто како и режимот што го победивме со глас и пенкало“, рече Заев.

На новинарско прашање дали веќе имаат обезбедено мнозинство за формирање влада Заев одговори:

„Убедени сме дека режимот заврши, логичноста на одлуките се нешто што воопшто не треба да не изненади“.

Тој смета дека промената на мандатите не влијае на тоа кој ќе ја формира владата, но изборниот процес мора да заврши.

„Да завршат сите процеси, па после ќе почнат разговорите со партиите. Отворени сме за соработка и апелираме кај албанските партии да се одважат кон реформите, оти тоа е вистинскиот чекор што треба да го направат“ дециден е лидерот на Социјалдемократите.

Заев очекува Собранието да се конституира 20 дена од одржување на изборите, а ако тоа не се случи на повик на Трајко Вељаноски, тогаш на 21 ден Собранието само ќе се конституира.