„Заедно можеме повеќе“, акција на „Алкалоид“ и Црвен крст за донирање облека

LinkSense.mk

Во акцијата за донирање облека што од 19 до 30 септември годинава ја спроведоа Црвениот крст и компанијата „Алкалоид“, на неколкуте собирни пунктови на три локалитети на „Алкалоид“, беа собрани околу 1.900 килограми облека.

„Собраната донирана облека е соодветно селектирана од волонтерите на Црвениот крст и ќе се проследи до крајните корисници, до социјално загрозените семејства. Годинава ова е втора масовна акција која ја спроведува „Алкалоид“ АД Скопје во соработка со Црвениот крст. Првата се одржа во текот на јуни, по повод Светскиот ден на крводарителството, кој во „Алкалоид“ се одбележа со масовна крводарителска акција, за која беа пријавени околу 140 крводарители во еден ден. Со личен пример, кон акцијата, во која учествуваа повеќе од 2.000 вработени, се приклучија и генералниот директор Живко Мукаетов и менаџментот на компанијата“, информираа денеска од Црвениот крст на Град Скопје.

Ваквите заеднички иницијативи, додаваат оттаму, имаат цел да ги поттикнат хуманоста и човековата солидарност, но и да ја унапредат колективната одговорност кон општеството, помагајќи им на ранливите категории граѓани.

„Црвен крст на РСМ и Црвен крст на Град Скопје, заедно со сите поединци и општествено одговорни субјекти кои ги поттикнуваме да се вклучат и да го поддржат процесот на донирање половна облека, се стремат да придонесат за создавање општество на одговорни граѓани со добри навики, каде што секој го вреднува она што го добива и секој придонесува во заедницата во која живее. Преку процесот на донација на облека, како и преку работењето на социјалното претпријатие ‘Копче’, Црвениот крст поттикнува модел на одржливо живеење, односно поттикнува да се донира и да се купува облека која е веќе создадена и употребена, но која сѐ уште може да се користи“, се вели во соопштението од Црвениот крст.

Со ова, велат, не само што се помага некому кому му е потребна помош, туку и се влијае за намалување на исцрпувањето на природните ресурси што се користат при производство на нова облека, како и за намалување на отпадот што се создава од неупотребата на облеката.