Затворени уште два угостителски објекти во Гостивар, работеле по работното време

Полицијата лишила од слобода две лица откако по извршена контрола во нивните локали биле затекнати гости.

Двата објекти се затворени од Државниот пазарен инспекторат.

Според информацијата на СВР Тетово, вчеравечер околу 19 часот, на улица „Илинденска“ во Гостивар, полициски службеници го лишиле од слобода гостиварецот Љ. Н. (50).

Угостителскиот објект во негова сопственост објект бил отворен, а во него престојувале неколку лица.

По задржувањето во Полициската станица Гостивар и документирање на случајот нему ќе му биде изготвен поднесок поради сомнение дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“ (член 206 од Кривичниот законик).

Лишен од слобода е и сопственик на слаткарница во центарот на градот.

Во објектот, сопственост на Џ.В. (62) околу 22 часот била извршена контрола и било утврдено дека работел по дозволеното време и во него се наоѓале неколку лица.

Тој се сомничи дека сторил кривично дело „непостапување според здравствени прописи за време на епидемија“.

Двата објекти се затворени од Државниот пазарен инспекторат.

Од СВР Тетово уште еднаш упатуваат апел до угостителите од тетовско-гостиварското подрачје доследно да ги почитуваат најновите владини мерки и да се воздржат од организирање на свадбени и други свечености, прослави и слично.

„Во спротивно најригорозно ќе бидат санкционирани сите прекршувања на овие мерки и посебно ако бидат констатирани групни собирања во објектите за најразлични поводи. Непочитувањето на мерките од угостители или поединци-организатори на семејни прослави ќе се третира кривично и нема да се толерираат никакви отстапувања и ќе се третира кривично. Со санкции ќе се соочат и организатори на семејни свечености во домашни услови“, вели Марјан Јосифоски портпарол на СВР Тетово. Апелот доаѓа во период кога во родниот крај пристигнуваат времено вработените во странство, кои обично во овој период од годината претходно организираа свадбени свечености или приредуваа други семејни собирања. Минатата недела полицијата прекина свадбена веселба во селото Врапчиште и затвори два локали во кои имало гости и била организирана забава со музичка програма