„ЗАТВОРЕНО“ СУДЕЊЕ: Првото рочиште за Марјан Стаменковски од „Доказ М“ без новинари

LinkSense.mk

Со придружба од припадници на затворското обезбедување од затворот во Шуто Оризари во Скопје, утрово во Основниот кривичен суд беше спроведен сопственикот на порталот „Доказ М“, Марјан Стаменковски. Нему му се суди за повеќе кривични дела. Обвинет е за ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем, за уцена, пиратерија на аудиовизуелно дело и за злоупотреба на лични податоци.

Обвинителката Зорица Павловиќ побара рочиштето да биде затворено за јавноста затоа што се работи за кривични дела против моралот и за да се заштити приватниот живот на оштетените за кои ќе се изнесуваат лични интимни работи. Судијката Марија Клетничка-Марковска го прифати барањето, па во судницата останаа само странките, оштетените и стручните набљудувачи од коалицијата Сите за правично судење и ОБСЕ.

Предметот за Стаменковски беше отворен по кривични пријави кои ги поднеле лица кои биле жртви на текстовите објавени на неговиот портал преку кои се ширела омраза, ксенофибички и расистички материјал, како и лице кое било уценувано да му даде пари или ќе објави информации со кои ќе му го наруши угледот.

Пријава има и од една телевизија затоа што на „Доказ М“ се објавувале содржини за кои медиумот имал ексклузивни права.

Меѓу пријавителите има и свештеници и новинарки.

За свештениците на сајтот било објавено дека тие биле поврзани со домашни и странски тајни служби, а верниците биле поттикнувани да ги протераат од манастирот во кој тие служеле.

Од Обвинитеството соопштија дека во случајов е вмешана и една истражителка од МВР која била ангажирана во обвинителскиот истражен центар. Стаменковски од неа дознавал информации за предмети по кои се постапува вклучително и за неговиот.

За време на истрагата како доказ е обезбедена и приватната комуникација на Стаменковски со истражителката.

Стаменковски беше приведен на 9 февруари годинава и му беше одреден притвор, а во неговиот дом при претрес беа одземени документација, мобилни телефони и други електронски уреди кои сè уште се вештачат, и поголема сума пари.

Надлежните се сомневаат дека може да се пронајдат докази и за други кривични дела, па не се исклучува можноста да има продолжение на овој случај.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

(Фото: 360 степени)