За една недела подигнати 265 непрописно паркирани возила од јавните површини во Скопје

– Во текот на изминатата недела со специјалните возила пајак се отстранети 265 возила од јавните површини во Скопје. Од вкупниот број непрописно паркирани и подигнати возила, 25 се отстранети од зонските паркиралишта, а 240 возила по налог на сообраќајната полиција по основ на сторени прекршоци: паркирање на коловоз, велосипедска патека, пешачки премин, тротоар, зелена површина, спротивно на сообраќајните знаци и по повик од трето лице.

Од Град Скопје информираат дека контролорите на зонските паркиралишта во истиот период санкционирале вкупно 351 возило, поради нерегулирано паркирање, односно за неплатена паркинг-услуга.Од нив, 25 возила се отстранети со пајак службата, поради пречекорување на дозволеното време на задржување на паркиралиштето.

Град Скопје и Јавното претпријатие „Градски паркинг“ апелираат до граѓаните да го чуваат зеленилото и другите јавни површини, а своите возила да ги паркираат исклучиво на означените паркиралишта.

-Апелираме сите корисници на услугите за паркирање, навреме да го регулираат плаќањето за паркинг-услугата, за да не бидат санкционирани и да не им биде поставен блокатор на тркалото. Плаќањето за паркингуслугата може да се изврши преку СМС порака или со греб картичка, соопштија градските власти.