Косовското Министерство за внатрешни работи денес објави дека за четири години, од 2018 до 2022 година, Косово го напуштиле 156.080 луѓе.
„Билансот на меѓународната миграција, нето миграција, во Косово за 2022 година изнесува 30.889 жители или 1,75 отсто од постојаното население.
За периодот од 2018 до 2022 година се проценува дека Косово го напуштиле 156.080 жители или околу 8,85 отсто од населението на земјата“, се наведува во соопштението, а пренесуваат приштинските медиуми.
За периодот од 2020 до 2022 година, 26.329 жители емигрирале на Косово, додека повеќе од 93.000 жители си заминале од Косово.
„На 1 април 2011 година 703.978 косовски државјани живееле во странство, а на крајот на 2022 година, се проценува, дека повеќе од 949.719 жители или 53,89 отсто од населението се со постојан престој во други држави“, се податоци на МВР на Косово.
Како што пишува порталот „Репортери“, на Косово му се заканува уште поголема миграција по либерализацијата на визите, од 1 јануари оваа година.
Портпаролката на приштинскиот аеродром, Валентина Гара, вчера соопшти дека за само една недела повеќе од 83.000 луѓе патувале преку „Адем Јашари“ надвор од Косово.
Таа наведе дека во текот на првата недела од јануари од тој аеродром биле направени 620 летови.