За приговорите на СДСМ и Беса ќе се одлучува утре

Државната изборна комисија соопшти дека седницата за расправање и одлучување по приговорите од СДСМ и Беса за нерегуларности при гласањето на предвремените парламентарни избори, се презакажува за утре, 15 декември.

ДИК навремено ќе ги извести овластените претставници, акредитираните набљудувачи и медиумите за точното време на одржување на седницата, се наведува во соопштението на комисијата.

До Државната изборна комисија стасале 16 приговори, осум се на коалицијата „За живот во Македонија“, предводена од СДСМ, а осум се на движењето Беса.

Дел од приговорите се однесуваат на пропусти на избирачките места, а дел на изборните резултати.

Одлуката по основ на приговорите се донесува во рок од 48 часа по приемот, а против неа може да се поднесе тужба до Управниот суд, во рок од 24 часа од приемот на решението. Управиот суд на Република Македонија, пак, по жалбата е должен да донесе одлука во рок од 48 часа по нејзиниот прием.

Конечните резултати од изборите ДИК треба да ги соопшти најдоцна до 20 декември.