Еден од најпознатите возови во светот после 41 година повеќе нема да тргнува од Лондон бидејќи операторот на модерниот „Ориент експрес“ поради Брегзит реши да го откаже британскиот дел од рутата.
Луксузниот воз низ Британија одеше меѓу Лондон и Довер, а потоа патниците се префрлаа во автобуси и со траект преку каналот Ла Манш се превезуваа до Кале во Франција, од каде што патувањето продолжуваше кон Париз, и понатаму до Истанбул.
Патувањето низ Велика Британија траеше околу три часа.
Луксузниот хотел на тркала, кој ја инспирираше писателката на криминалистички романи Агата Кристи да го напише нејзиниот познат роман „Убиство во ‘Ориент Експрес’“, од крајот на 19 век го поврзува Париз со Истанбул.
Со текот на годините, рутите се менуваа, а една од најпопуларните беше онаа штотуку споменатата од Париз до Истанбул и онаа што ги поврзува Лондон и Венеција.
„Ориент Експрес“ беше и остана познат по својот луксуз и елеганција. Внатрешноста на возот ја направиле врвни дизајнери, а просторот е изработен од скапи материјали како ореово дрво, кристал и злато. Патниците можат да уживаат во врвна храна и пијалоци и разни услуги, како што се кројачи и фризери.
Првото возење е реализирано во 1883 година, а тогаш, со возот патувале бројни познати личности како Винстон Черчил, Агата Кристи и Ернест Хемингвеј.
Минувал низ бројни европски земји, а патувањата се разликувале по рутата, траењето и луксузот. Со текот на времето, името „Ориент Експрес“ почна да се користи за возови на различни оператори и линии.
Од почетокот на 80-тите години од минатиот век патниците можеа да го започнат своето патување во Лондон и да продолжат до дестинации како што е Венеција.Цените на апартманите во вагоните за спиење и луксузната понуда на ресторанот чинат и по повеќе илјади фунти за патник.
Од управата на Ориент-Експрес велат дека ќе се трудат да ги избегнат доцнењата и да го задржат квалитетот на железничките врски во услови после Брегзит возот почна да стои на британските граници.
„Го прилагодуваме работењето во 2024 година, пред зголемените патнички и гранични контроли“, изјави за „Обсервер“ портпаролот на железничкиот оператор „Белмонд“, кој управува со „Ориент-Експрес“.
„Сакаме да го избегнеме ризикот од прекин на патувањето за да можеме да продолжиме да им даваме на нашите гости и клиенти највисоко ниво на услуга. Но, со оглед на тоа дека после Брегзит постојат дополнителни контроли на пасошите, сообраќајниот метеж во пристаништето Довер често трае со часови, особено за време на празници“.
Ситуацијата може дополнително да се влоши бидејќи поради воведувањето на таканаречениот европскиот систем за патни информации и авторизација, во иднина ќе има уште повеќе проверки.
Дури и посетителите кои досега беа ослободени од барањата за виза ќе мора да поднесат барање и да покажат биометриски податоци како отпечатоци од прсти.
Ова би се однесувало и за патниците кои после првата делница на возот низ Британија досега се префрлаа во автобус за да преминат преку Ла Манш.
Затоа, сегашниот оператор одлучи да ја откаже британската рута.