Владејачкото мнозинство на Ковачевски и Ахмети губи тројца пратеници и од 64-ца народни избраници ќе се сведе на минимални 61.
Поранешниот потпретседател на ДУИ и актуелен пратеник, Изет Меџити, вели дека до собранискиот спикер Џафери заедно со пратениците: Кастриот Реџепи и Мерита Коџаџику, ќе испрати писмо со кое ќе го извести дека повеќе не се дел од пратеничката група на Интегративците и дека тие тројца ќе дејствуваат опозициски.
„Откако ги исцрпивме сите можности во рамки на ДУИ, логичен редослед на настаните е да продолжиме политички да делуваме надвор од партијата“, вели за „Фокус“ пратеникот и еден од фронтмените на „огнената група“, Меџити.
„Веќе целосно е стестен просторот за делување на ДУИ, каде како фракција баравме промени во партијата, на начинот на одлучување и функционирање. Но, сите можности за да предизвикаме промени ги исцрпивме, а тие не исклучија од партијата“, истакна тој и додаде дека како „огнена фракција“ имале единствен став дека ако не успее нивната борба во рамки на матичната партија, тогаш им останува единствена опција да формираат нов политички субјект.
Меџити од скопски Чаир почнува состаноци со своите приврзаници од таканаречената огнена група за формирање на нова политичка партија – движење, кое како што вели треба да ја обедини албанската опозиција.
Сепак, Меџити не успеа во своите редови да ги придобие и останатите челници од огнената група со која веќе половина година бара реформи во ДУИ – градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети, како и поранешните функционери на ДУИ – Невзат Бејта и Муса Џафери.
Тие, како што вели Меџити, се решиле да делуваат фракционерски во партијата на Ахмети и да се обидат одвнатре да ги поправат работите во ДУИ. За него, таков простор во ДУИ повеќе нема.
И покрај тоа што повеќе нема да е дел од власта, не се исклучува групата на Меџити во Собранието да ги поддржи најавените владини уставни измени, во знак на поддршка на европската интеграција и добар имиџ кај меѓуанродните претставници.
Владата на Ковачевски се соочи со криза во мнозинството пред Нова година, кога го изгуби Павле Трајанов, но најави и влез на Алијанса во Влада, што пак, беше причина од власта да отспаи Алтернатива на Гаши. По влезот на Алијанса, мнозинствотот се стабилизираше со 64 пратеници.
(Извор: „Фокус“)







