По саботното интервју објавено на Јутјуб на водителот Стефан Лазаров со новинарот Драган Павловиќ – Латас, обвинителството отвори предмет против Павловиќ.
Во разговорот што предизвика лавини реакции во јавноста, гостинот раскажува дека како 15-годишник тој и неколку негови другари злоставувале и силувале девојка која била претепана, додека водителот се смее.
СДК.мк известува дека Министерството за внатрешни работи денеска, до Скопското обвинителство, по нивно барање, доставило известување за интервјуто.
Јавниот обвинител Гаврил Бубевски на прашање од СДК.мк вели дека предметот е распореден кај обвинител.
Интервјуто ја вжешти македонската јавност. Бројни организации и поединци го кренаа гласот и побараа институциите веднаш да реагираат. Своја реакција објавија и Хелсиншкиот комитет, во која велат дека интервјуто е колективен, општествен пораз и реален приказ за тоа како ги третираме жените – жртви на насилство.
„Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство“, се вели во прогласот од „Хелсиншки“.
„За двајцата соговорници силувањето е извор на забава и смеа, со што тие директно праќаат порака кон огромната публика не само дека тоа е нешто нормално, туку и смешно. Ова интервју е само еден јавен и болен показател за тоа како во пракса изгледа нормализирање на културата на насилство и до каде може може да доведе непостапувањето на институциите и немањето јасни ставови и политики кои ги заштитуваат жртвите, наместо насилниците“, се вели во реакцијата.
Стефан Лазаров има свој Јутјуб канал со над 75.000 следбеници. Тој на социјалните мрежи објави свое видување за интервјуто, но не многу долго после тоа објавата ја избриша.