Анестезиологот Ваљтон Дервиши од тетовската болница денеска беше осуден на една година и три месеци затвор поради тоа што снимаше пациентки и видеото го објави на социјалната мрежа Тик-ток.
Тој денеска призна вина и рече дека се кае за стореното.
На денешното судско рочиште, во својство на сведоци, во судницата беа присутни лекари и медицински персонал кои се најдоа на снимката на анестезиологот од Гинеколошкото одделение која тој ја објави „Тик Ток“.
Анестезиологот се гонеше за делата несовесно работење во служба и неовластено снимање.
„Обвинетиот, како службено лице – анестезиолог вработен во ЈЗУ Клиничка болница во Тетово, на 14 април неовластено направил снимка од пациенти и вработени и ја објавил во живо на социјална мрежа, со што очигледно постапил несовесно во вршењето на своите овластувања и должности и потешко ги повредил нивните права“, беше наведено во обвинението против Дервиши.
Снимката што ја емитуваше анестезиологот предизвика лавина реакции во јавноста. Тој веднаш беше суспендиран од работа, а Судот на честа при Лекарската комора одлучи да му ја одземе лиценцата за работа на седум години. Тоа е максимална казна што Лекарската комора можеше да ја изрече за етички прекршок во работењето.
(Фото: Алсат ТВ)







