Кинескиот амбасадор му го честита на Заев изборот на новата Влада

Писмо од кинескиот премиер Ли Кечијанг, со честитки до премиерот Зоран Заев за изборот на новата Влада му беше предадено денеска од кинескиот амбасадор Џанг Ѕуо на средбата.

Заев на средбата со Џанг упати благодарност до кинескиот премиер Кечијанг, на амбасадорот Ѕуо и до кинескиот народ за навремената помош и поддршка од НР Кина, на нашата држава, за време на пандемијата, што е потврда за добрите билатерални односи помеѓу двете држави.

-Новата Влада силно ќе се посвети на економскиот развој и на значително подобрување на животниот стандард на граѓаните. Немаме повеќе отворени прашања што ги блокираат перспективите на државата.

Станавме членка на НАТО, очекуваме почеток на преговорите со ЕУ. Но, независно од нашите стратешки евроатлански определби, подготвени сме за соработка, посебно на планот на економијата, со сите пријателски држави, меѓу коишто е и НР Кина, рече премиерот Заев.

На состанокот е поздравен напредокот на нашата држава и е соопштено дека Кина ја поддржува земјава во државните стратегии за нејзин развој.

Заеднички е констатирано дека меѓу двете држави постои почитување на стратешките национални определби на државите, но и дека постојат области каде соработката меѓу двете држави бележи нагорна линија и има простор да се унапредува.

Разговарано е за поактивна соработка на планот на образованието, културата, економијата, како во билатералните односи, така и во рамките на 17+1 иницијативата, во којашто се вклучени земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина.