Ковачевски во разговорот со Шмигаљ: Ја имате нашата поддршка за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина

LinkSense.mk

Премиерот Димитар Ковачевски оствари телефонски разговор со премиерот на Украина, Денис Шмигаљ и му ја изрази поддршката на Северна Македонија за територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

Ковачевски порача дека Република Северна Македонија ја осудува одлуката на Руската федерација за признавање на украинските региони Донецк и Луганск како самонаречени „Народни Републики”.

Во телефонскиот разговор со премиерот на Украина, Ковачевски ја оцени постапката на Русија како директен напад врз територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и како флагрантно кршење на меѓународното право.

Ковачевски на Шмигаљ му пренесе дека Северна Македонија го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници, и дека, како и останатите НАТО сојузници, се приклучува кон повикот до Москва на решавање на конфликтот преку мирен и дипломатски пат.

Претседателот на Владата Ковачевски за време на разговорот потврди дека Северна Македонија е усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ и НАТО во однос на санкциите кон Руската Федерација, како одговор на нејзините непринципиелни постапки.