Триумфот на фудбалската репрезентација на Русија над Шпанија после пеналите во осминафиналето на Светското првенство во таа земја е прославен со слична еуфорија како своевремено во Советскиот сојуз што се прославила победата во Втората светска војна, соопштија од Кремљ.
Портпаролот Димитри Песков изјави дека сликите на славје ширум Русија, по многу аспекти, се споредливи со оние од 1945 година кога е завршена Втората светска војна со капитулација на Нацистичка Германија.
„Во овој случај само не зборуваме за победа во војна, туку во спорт. Ова што го видов е како она од 9 мај 45-та“, им изјави Песков на новинарите.
Претседателот на Русија, Владимир Путин, не присуствуваше на победата на екипата на Станислав Черчесов над Шпанија на московскиот стадион Лужњики (во регуларниот дел 1:1 и 4:3 по изведувањето на пенали), но затоа тука беше премиерот Дмитриј Медведев.
Руските фудбалери во четвртфиналето се среќаваат со Хрватска во сабота во Сочи.







