Шверцерски банди се инфилтрирани во главните пристаништа во Европа и ги поткупуваат вработените за да можат непречено да ги извршуваат своите активности, објави Европол.
Меѓу главните цели се трите најголеми европски пристаништа, во Антверпен, Ротердам и Хамбург, се вели во анализата објавена од Европол со седиште во Хаг, а омилени им се контејнерските бродови.
Бандите ги поткупуваат работниците и службениците од компаниите кои работат на пристаништата, криумчарат соучесници и сè почесто ги пробиваат дигиталните сигурносни кодови на контејнерите.
Според Европол, меѓународните банди најчесто го користат контејнерскиот сообраќај за шверц на кокаин во Европа.
Дрогата ја кријат меѓу легалните стоки како што се делови за автомобили или банани.
Главните влезни пристаништа се Антверпен и Ротердам. Само во минатата година таму цариниците запленија рекордни 200 тони кокаин. Истражителите сметаат дека ова е само дел од стварно прокриумчарената дрога.
Околу 90 милиони контејнери стигнуваат морските пристаништа во Европа секоја година, но само помал број се физички прегледани. Заради тоа е многу тешко да се открие криумчарена стока.
Криминалните мрежи се потпираат пред се на корупцијата на вработените во пристаништето, но и тоа е ризично за нив, па „одат“ на нови методи.
Сè повеќе го копираат сигурносниот код на бродскиот контејнер, која потоа го користат за шверц на својата стока, најчесто без знаење на вистинскиот сопственик на контејнерот. Веднаш штом ќе се плати превозот, шпедицијата добива единствен ПИН или код за контејнерот, кој служи за негово превземање на одредиштето.
Криминалците најчесто со корупција ги добиваат овој код и другите идентификациски податоци.
Стоката потоа ја зема возач на транспортна компанија која работи за криминалците. Надвор од пристаништето, дрогата потоа се отстранува, а преостанатата легална стока се доставува до нивните вистински сопственици или се остава.
(Фото: Пиксабеј)