Њујоршкиот круг на филмски критичари го прогласи денес мјузиклот на Демијен Шазел „Ла Ла Ланд“ за најдобар филм на годината.
Таа организација, која ги собира филмските критичари кои работат за медиумите, со седиште во Њујорк, ги објави денес преку Твитер своите награди кои ги распределила на неколку филмови кои се сметаат за претенденти за Оскар.
Филмот за растењето „Мунлајт“ („Moonlight“) освои три награди – Бери Џенкинс за најдобра режија, Џејмс Лакстон за најдобра камера и Махершала Али за најдобра споредна машка улога.
Три награди освои и филмот „Манчестер бај д Си“ („Manchester by the Sea“), и тоа Кејси Афлек награда за најдобар глумец, кенет Лонегран за најдобро сценарио и Мишел Вилијамс за најдобра споредна женска улога.

На Мишел Вилијамс годинава и припадна уште една награда за споредна женска улога, за улогата во филмот „Certain women“, во режија на Кели Рајхарт.
Њујоршките критичари ја прогласија Изабел Ипер за најдобра глумица за улогите во филмовите „Ел“ („Ell“) на Пол Верховен и „The things to come“ на Мија Хансен-Лав.
„Ла Ла Ланд“, кој следната недела ќе почне да се прикажува во кината во Америка, освои само една награда, и тоа за најдобар филм.
Филмот со Ема Стоун и Рајан Гослинг во главните улоги денес доби и најмногу номинации, дури 12, за Награда по избор на критичарите.
Филмовите „Ла Ла Ланд“, „Moonlight“ и „Manchester by the Sea“ се водечки во изборот на критичарите во раната сезона за холивудски признанија.
Во недела својот избор на најдобри филмови за оваа година ќе го објави Здружението на филмски критичари од Лос Анџелес.