Куба го менува уставот, воведува функција премиер

LinkSense.mk

Куба обелодени нови детали за плановите за преобликување на владата, судството и економијата, со уставна реформа која националното собрание треба да ја одобри овој месец.

Со реформата на уставот од 1976 година ќе биде воведена функцијата премиер, со што ќе се раздвојат улогите на шеф на влада и шеф на државата, пренесува АП.

Комунистичката партија ќе остане единствена политичка сила во земјата и во новото издание на уставот.

Изменетиот устав, меѓутоа, воведува новини кога станува збор за слободен пазар и приватна сопственост во кубанското општество како и претпоставката за невиност во правосудниот систем.

Се очекува дека предложената уставна реформа, која е опишана во главниот државен весник во саботата, ќе биде одобрена на националниот референдум што ќе се одржи оваа година.

Официјални лица објаснуваат дека уставот од 1976 година не ги одразува промените кои изминативе години беа спроведени на Куба.

Весникот „Гранма“ пишува дека „искуството стекнато во годините на Револуцијата и новите патишта кои ги исцрта комунистичката партија“ се некои од причините за реформите на уставот.

Новиот устав ќе ги задржи правата како што се слободата на вероисповед, но од друга страна, јасно ќе го издвои принципот на недискриминација во поглед на родовиот идентитет, иако во текстот на кубанскиот весник не се прецизира во која мера државата ќе ги признае истополовите бракови.