Македонската книжевност ќе се најде на саемот во Варшава

LinkSense.mk

За прв пат годинава Македонија ќе учествува на Меѓународниот саем на книгата во Варшава, Полска, што ќе се одржува од 17 до 21 мај 2017 година. Организатор на претставувањето на македонската книжевност и издаваштво ќе биде Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје.

На штандот ќе биде презентирана и книгата „Пораките на свети Климент Охридски“ од претседателот Ѓорге Иванов, која НУБ „Св. Климент Охридски“ во соработка со Кабинетот на Претседателот ја објави двојазично, на македонски и на англиски јазик, по повод одбележувањето 1100 години од упокојувањето на свети Климент Охридски.

На  Македонскиот штанд ќе бидат изложи околу 300 изданија од областа на книжевноста, културата и уметноста, избрани публикации од капиталните издавачки проекти 135 тома „Македонска книжевност“ (во оригинал и на англиски јазик) и антологии на македонската книжевност преведени на шест странски јазици (руски, француски, германски, шпански, кинески и арапски)

За доближување на новата македонска книжевност до полските читатели и издавачките куќи, специјално се подготвени и отпечатени поединечни брошури на полски јазик за 14 современи македонски автори од помладата и средната генерација: Николина Андова-Шопова, Јулијана Величковска, Владимир Илиевски, Владимир Јанковски, Вера Калин, Стефан Марковски, Марта Маркоска, Владимир Мартиновски, Никола Маџиров, Марина Мијаковска, Блаже Миневски, Елена Пренџова, Давор Стојановски и Јовица Тасевски-Етернијан. Брошурите содржат био-библиографии, куси извадоци од критички осврти за делата и избрани песни или извадок од роман или расказ – соопшти НУБ.

Брошурите, заедно со информации за Конкурсот на Министерство за култура за странски издавачи, на полски и на англиски јазик, ќе бидат дистрибуирани до издавачите од Полска и до сите други заинтересирани издавачи.

Меѓународниот саем на книгата во Варшава е еден од најголемите во овој дел на Европа. Оваа година ќе учествуваат околу 800 издавачи од 32 држави од пет континенти, а земја почесен гостин ќе биде Германија.

Централниот настан ќе се одржи во сабота, 20 мај, во главната сала за промоции, на кој ќе биде претставена современата македонска поезија и проза, со настап на авторите Блаже Миневски, Јовица Тасевски-Етернијан и Владимир Илиевски. Овој настан НУБ го организира заедно со Амбасадата на Република Македонија во Варшава.