„МАЈКРОСОФТ“ ПРЕДУПРЕДУВА: Кинески хакери таргетираа важна американска воена база

LinkSense.mk

Хакерска група под покровителство на кинеската држава се инфилтрирала во главните инфраструктурни мрежи во Соединетите Американски Држави, објавија вчера во Вашингтон, неговите западни сојузници и „Мајкрософт“, предупредувајќи дека слични „кампањи“ може да се случат низ целиот свет.

Властите задолжени за информатичката безбедност во САД, Канада, Велика Британија и Нов Зеланд, предупредија во заедничката изјава за „низа активности“ кои се поврзуваат со „кинескиот државен сајбер актер, познат и како Волт Тајфун (Volt Typhoon)“.

„Оваа активност влијае на мрежите на главните американски инфраструктурни сектори“ и субјектот што ги извршува нападите „може да ги примени истите методи (…) низ целиот свет“, додаваат тие.

„Мајкрософт“ во одвоено соопштение вели дека „Волт тајфун“ е активен од средината на 2021 година и дека, меѓу другото, таргетирал важна инфраструктура на островот Гуам, каде се наоѓа голема американска воена база во Тихиот Океан.

Таа „кампања“ може да ја „наруши критичната комуникациска инфраструктура меѓу САД и азискиот регион во идни кризи“, предупреди „Мајкрософт“.

„Забележаното однесување води до заклучок дека злонамерниот актер има намера да се занимава со шпионажа и да го задржи пристапот (до инфраструктурата) што е можно подолго без да биде забележан“, додаде американската технолошка групација.