Во познатиот подкаст „Џој Роган Експирианс“, Илон Маск го нападна либералниот милијардер и филантроп Џорџ Сорос, тврдејќи дека дотичниот „од дното на душата го мрази човештвото“, а откри и дека минатата година го купил Твитер бидејќи „само така можел да го спаси од екстремната левица“.
Во речиси тричасовниот разговор, Маск се „нафрли“ на поддршката на Сорос за прогресивните организации и, како што рече, „левичарските политички кандидати“.
„По мое мислење, тој суштински го мрази човештвото“, рече Маск.
Го коментираше и финансирањето на локалните избори од страна на Сорос, за кои вели дека е веројатно најдобриот начин да се влијае на политиката.
„Тој прави работи што ја нагризуваат структурата на цивилизацијата… Забележа дека вредноста во локалните трки е многу поголема отколку во националните трки. Најмала вредност за парите е претседателската трка, следната најниска е трката за Сенатот, а потоа следи онаа за Конгресот. Но, еднаш кога ќе стигнете до градските и државните окружни обвинители, таа вредност е исклучително добра.
Сорос сфати дека не треба да ги менува законите, само треба да го промени начинот на кој тие се спроведуваат… Затоа и помага во промовирањето политика која ја одобрува преку локалните функционери.Тој ги поддржува прогресивните окружни обвинители, чија политика е премногу блага за криминалот.Работи нешта кои ја нагризуваат структурата на цивилизацијата, избира обвинители кои одбиваат да процесуираат и гонат злосторствата.Тоа е сега дел од проблемот во Сан Франциско, Лос Анџелес и други градови.Па зошто би го направил тоа“, Маск многу слободно ја толкуваше работата на фондациите на Сорос.
Подоцна во разговорот, тој објасни дека го купил Твитер, компанија со седиште во Сан Франциско, затоа што не сакал повеќе да го „контролира крајната левица која има ‘нагризувачко’ влијание врз општеството“.
„Средиштето на Сан Франциско е опустошено од криминал, зависност од дрога и бездомништво, градот изгледа како апокалиптичен, а токму платформата (Твитер) ги пропагираше филозофиите што доведоа до тој исход. Ова можеби звучи мелодраматично, но се загрижив, тоа навистина има корозивен ефект врз цивилизацијата“, изјави тој.
Извршниот директор на „X“, исто така, рече дека „вирусот на разбудениот ум“ се шири со опасна брзина, а ги осуди ограничувањата кои се воведуваа заради Ковид, тврдејќи дека луѓето „кои биле ставени на респиратори биле убиени од тие исти респиратори, а не од вирусот“.







