Владата и ВМРО-ДПМНЕ сакаат директно од граѓаните да слушнат што недостасува во нивните политики, за да ги подобрат во преостанатиот дел од мандатот, но и да ги вклучат забелешките во изборната програма за парламентарните избори во април 2028 година. Премиерот Христијан Мицкоски вели дека тоа е целта на теренската акција „Очи во очи со граѓаните“, а во однос на критиките од опозицијата порача дека нема да ги коментира нивните ставови.
„Добро, јас сега не можам да ја коментирам опозицијата, во секоја изјава си имаат тие свои ставови. Тоа го оставам на нивните ставови, но отчетна, транспарентна Влада, после две, две и пол години, којашто постојано е во јавноста, постојано дава изјави, постојано присуствува на јавни настани, добро е како политичка партија да излеземе пред граѓаните и да слушнеме што е тоа што недостасува, за да можеме во овој меѓупериод да се подобриме во нашите политики, а и дел да вклучиме во програмата за следните избори, кои што ќе бидат во април месец 2028 година“, изјави Мицкоски.
Премиерот посочи дека кон крајот на декември 2027 година треба да се избере техничка влада, поради што неговиот преостанат мандат како премиер го проценува на нешто повеќе од една година.
„Некаде декември месец, крајот на декември 2027 година, ние имаме избор на техничка влада, така што би рекол мојот мандат како претседател на Владата е нешто повеќе од една година, година и еден месец“, рече Мицкоски.
Според него, теренската акција треба да покаже во кои области Владата не ги исполнила очекувањата на граѓаните и што може да се промени во преостанатиот период.
„И логично е дека како и јас, како човек, како претседател на Владата, и ние како Влада сакаме да слушнеме онаму каде што сме помалку успешни, да бидеме поуспешни, ако е тоа возможно во овој период, ако не во следниот мандат. Така што, ете тоа е целта на оваа теренска акција ‘Очи во очи со граѓаните’“, изјави Мицкоски.







