Генералниот директор на Светската здравствена организација (СЗО), Тедрос Аданом Гебрејесус, вчера изјави дека жестоките судири во близина на болница во провинцијата Итури, во Демократска Република Конго, ги попречуваат напорите за сузбивање на еболата.
Тој на платформата „Икс“ напиша дека судирите ги принудиле здравствените работници и хуманитарните партнери да побараат засолниште во породилиштето, каде што останале повеќе од 24 часа.
Тедрос додаде дека судирите се одвивале во близина на областа каде што првично се појавила епидемијата на ебола, истакнувајќи дека пациентите, нивните семејства и здравствените работници се изложени на сериозен ризик.
Според него, нападите низ источниот дел на Конго зачестиле од крајот на октомври, што сериозно ги загрозува активностите за сузбивање на еболата.
Епидемијата на ебола во источниот дел на Демократска Република Конго останува надвор од контрола, шест месеци откако беше официјално прогласена, при што бројот на заболени и починати расте со рекордно темпо.
Според владините податоци, од 15 мај, кога беше прогласена епидемијата, заразени се повеќе од 11.000 луѓе, додека над 5.500 лица починале.
Извор: Данас







