Уште неколку часови не делат од крајот на првата рунда од нокаут фазата на Светското првенство во фудбал во Русија. По завршувањето на 20 ден на Мундијалот ќе ги знаеме имињата на сите учесници во четвртфиналето.
За место меѓу осум најдобри екипи на светскиот шампионат до сега се изборија Уругвај, Франција, Бразил, Белгија, Русија и Хрватска и се чекаат последните двајца патници за следната фаза од првенството.
Во 16 часот во Санкт Петербург почнува натпреварот во кој се среќаваат Шведска и Швајцарија. Ќе биде тоа нивна лубилејна 30 средба, но прва на едно големо натпреварување.
Швајцарците во овој дуел ќе влезат без капитенот Лихтштајнер и штоперот Шар кои имаа картони, па дефанзивната линија ќе претрпи значајни промени во однос на претходните средби. Швеѓаните во групната фаза направија големо изненадување и, покрај Германија, Мексико и Јужна Кореја, изборија прво место во Групата Ф, а сигурно е дека не сакаат тука да запрат.
Последниот натпревар од осминафиналето ќе се одигра меѓу Колумбија и Англија од 20 часот. Јужноамериканците ќе бидат ослабени заради неиграњето на Хамес Родригез, кој ќе остане на клупата поради повреда, што „Гордиот Албион“ ќе се обиде тоа да го искористи.
Островјаните сите надежи ги полагаат во својот предводник Хари Кејн, кој моментно ја предводи листата на најдобри стрелци на шампионатот. Меѓутоа, не треба да се заборави ниту Радамел Фалкао. Колумбијците цврсто веруваат дека нивниот капитен може да биде клучна фигура на теренот во отсуство на Хамес.
Победниците од овие две средби ќе се спротистават еден на друг во четвртфиналето.







