„Австралија ќе упати национално извинување до сите граѓани погодени од ‘трагедијата со Талидомид’“, изјави денеска премиерот Ентони Албанесе, повеќе од половина век откако децата се родени со вродени маани бидејќи мајките земале таблети за утрински мачнини.
„Талидомидот“ била активната состојка во седативот кој бил широко дистрибуиран кај многу мајки ширум светот во раните 1960-ти.
Дополнително е откриено дека предизвикувал малформации на екстремитетите, цртите на лицето и внатрешните органи кај неродените деца.
„Трагедијата со ‘Талидомид’ е темно поглавје во историјата на нашата нација и светот. Преживеаните, нивните семејства, пријателите и старателите се залагаа за ова извинување долги години. Овој момент е долгоочекуваното национално признание за се она што тие го истрпеа и за што се бореа“, рече Албанесе.

Скандалот со „Талидомид“ покрена светска ревизија на режимите за тестирање лекови, но и го подигна угледот на американската Управа за храна и лекови, која беше осамена во своето истрајно одбивање да издаде одобрување за тој лек, иако беше дистрибуиран во САД за тестирање.Во 2010 година британската влада им се извини на жртвите.
„Талидомид“, кој го разви германската компанија „Грунентал“, се проценува дека уби 80.000 деца ширум светот пред раѓањето, а уште 20.000 се родени со деформитети.
Австралијка, која е родена без раце и нозе откако нејзината мајка го земала „Талидомид“, во 2012 година добила отштета од повеќе милиони долари од „Диагео“, локалниот дистрибутер. Во 2010-та, „Диагео“ се согласи да им плати 50 милиони австралиски долари (32 милиони долари) на 45 жртви во Австралија и Нов Зеланд.
Албанесе ќе се извини во парламентот на 29 ноември.
Австралиската влада регистрирала 146 преживеани од „Талидомид“, иако точниот број на погодени не е познат.
„Давајќи го ова извинување, ќе им оддадеме признание на сите оние бебиња кои починаа и нивните ожалостени семејства, како и на оние кои преживеаја, а чии животи беа отежнати од ефектите на овој страшен лек“, рече Албанесе.







