Намалената геополитичка напнатост ја спушти цената на нафтата

LinkSense.mk

Цените на суровата нафта паднаа вчера на меѓународните пазари на 91 долар поради смирувањето на геополитичките тензии и ширењето на инфекцијата Ковид-19 во Кина.

На лондонскиот пазар цената на барелот попладнето беше пониска за 1,48 долари во однос на вчерашното затворање и изнесуваше 91,38 долари. На американскиот пазар барелот се тргуваше по пониска цена од 1,71 долари, по 83,88 долари.

Во фокусот на пазарите вчера беше падот на ракетата на територијата на Полска, членка на НАТО, при што загинаа две лица.

Тензиите се намалија откако Полска и НАТО во средата, доцна вечерта, соопштија дека ракетата најверојатно залутала и дека била истрелана од украинската противвоздушна одбрана, а не од Русија, намалувајќи ги стравувањата дека руско-украинската војна ќе се прелее преку границата. Тоа во основа отстрани некои краткорочни ризици за снабдување.

Пазарот е попречен и од загриженоста за слабата побарувачка во Кина по зголемувањето на бројот на заразени со Ковид-19.

Кинеските рафинерии побарале од Саудиска Арабија помалку нафта во декември, објави Ројтерс, а тие исто така го намалиле и купувањето на руска нафта.

Иако бројот на случаи на „Ковид-19“ во Кина е мал во споредба со остатокот од светот, Пекинг истрајува во строгата политика на гаснење на нови жаришта пред тие да се прошират, намалувајќи ја побарувачката за гориво.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК) вчера попладнето објави дека барел од нафтената кошничка на нејзините членки во средата поскапе за 56 центи, на 91,72 долари.