Блискиот соработник на неодамна починатиот опозициски лидер, Алексеј Навални, денеска ги повика Русите на денот на изборите во март да излезат во голем број за да протестираат против претседателот Владимир Путин, на што Навални повика пред неговата смрт.
Од Кремљ предупредуваат дека ќе има законски правни последици за секој што ќе го слуша овој „провокативен повик“ од луѓето, што ги нарекоа, опасни екстремисти поддржани од САД.
Во објавата на социјалните мрежи од 1 февруари, Навални ги повика Русите да го искажат своето мислење со заедничко излегување на гласање во исто време, напладне на 17 март.
Навални почина во арктичката казнена колонија на 16 февруари.
Неговиот сојузник, Леонид Волков, во видеото на Јутјуб, повикот за протест го нарече „директен политички тестамент на Навални“ и негов последен повик за акција.
„Ова повеќе не е само политичка акција насочена кон надминување на политичката осаменост и изолација. Ова стана собир на жалост и граѓанска комеморација, акција во спомен на Навални кој побара од нас да ја одржиме“, рече тој.
Волков порача дека тоа е многу важно бидејќи „луѓето на овој начин ќе ја исполнат последната волја на Алексеј Навални“ и ќе ги поттикнат и охрабрат истомислениците да дејствуваат.
„Направете го тоа. Во времето што останува до изборите, убедете што е можно повеќе луѓе и тие да го направат тоа.“
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите изјави дека поддржувачите на Навални се „добро познати по нивните провокативни повици за кршење на законите на Руската Федерација“ и дека „ќе има последици за оние што ќе одговорат на нив“, бидејќи таквата практика е „штетна“.
Навални повика на протестот „На пладне против Путин“ како начин да се покаже отпор без ризик од апсење за учесниците, бидејќи тие ќе протестираат со застанување во ред за легално да гласаат.
На Путин му е обезбеден нов шестгодишен мандат. Двајца антивоени кандидати беа дисквалификувани од „технички причини“, а ниту еден од преостанатите тројца кандидати не го критикува претседателот.
Од тимот на Навални информираа и дека не можат да најдат место за комеморацијата што ја планираа оваа недела.
Во објава на платформата „X“, Кира Јармиш напиша: „Од вчера бараме место каде што можеме да се збогуваме со Алексеј. Повикавме повеќе приватни и јавни погребни друштва и погребални сали. Некаде велат дека просторот е зафатен, некаде одбиваат при спомнувањето на името ‘Наваљни’. На едно место директно ни кажаа дека на погребните друштва им е забрането да работат со нас.“
(Фото: Танјуг / АП)