На подрачјето на СВР Струмица забележан само еден случај на непочитување на полицискиот час – бегал од полицијата

Возач на автомобил, марка „цитроен“, со радовишки регистарски таблички синоќа околу 22:20 часот не застанал пред полициската патрола на крстосница во Радовиш и продолжил да се движи, информираат од СВР-Струмица за МИА за почитувањето на мерките за забрана за движење навечер од 21 до 6 часот.

-Од страна на полициски службеници автомобилот бил проследен и запрен при што било констатирано дека го управувал А.Р (25) со совозач МД (24) двајцата од село Калуѓерица. Тие не се придржувале на Одлуката на Владата на РСМ и воведениот полициски час, стои во информацијата од СВР-Струмица.

Поради постоање на основано сомнение за сторено кривично дело по член 206 од Казнениот закон двајцата се лишени од слобода и се задржани во просториите на Полициската станица во Радовиш.

На подрачјето на СВР-Струмица, кое ги покрива општините Струмица, Василево, Ново Село, Босилово, Радовиш, Конче, Гевгелија, Дојран, Богданци и Валандово не е забележано друго непочитување на мерката за воведениот полициски час.