Мост долг 2,6 километри се урна ноќва, час и половина после полноќ, во Балтимор, во американската сојузна држава Мериленд, откако во него удри товарен брод.
На неколку видеа на социјалните мрежи се гледа како големиот товарен брод се приближува кон еден од столбовите на 47-годишниот стар мост Френсис Скот Кеј (И-695) и се забива во него, предизвикувајќи мостот да се урне во реката Патапско, заедно со многуте автомобили што во тоа време се наоѓале на него.
Полицијата во Балтимор соопшти дека мостот делумно се урнал.
„Тешката несреќа се случила во 1.35 часот. Сите ленти на мостот се затворени поради инцидентот, асообраќајот се одвива по заобиколен пат“, се вели во соопштението на Одделот за транспорт во Мериленд.
Бродот „Дали“ кој удри во мостот е долг 288 метри и широк 50 метри, изграден пред пет години, и пловел под знамето на Сингапур, пишува „Њујорк Тајмс“.
Вчераутро од Норфолк пристигнал во Балтимор, а од таму испловил во 1 часот после полноќ. Крајната дестинација му била Шри Ланка, односно главниот град Коломбо. Во Азија требало да се закотви на 27 април.
„Спасувачите трагаат по најмалку седум лица кои после рушењето на мостот завршиле во водата“, изјави Кевин Картврајт, директор за комуникации на противпожарната служба во Балтимор.
Тој рече дека е премногу рано да се процени колку луѓе загинале, но претпоставува дека ќе има многу жртви.
Во спасувачката операција се вклучени повеќе од 10 бродови.
Сè уште не е познато каков товар превезува „Дали“.
„Синерџи Марин Груп“ потврди дека „Дали“ се забил во еден од столбовите на „Кеј Бриџ“ додека со него управувале двајца капетани.
Компанијата соопшти дека точната причина за инцидентот допрва треба да се утврди.
Американските медиуми сега со право прашуваат дали се почитувале сите протоколи.
Според законот, сите големи невоени пловила кои влегуваат и излегуваат од заливот Чесапик мораат да имаат локален експерт зад кормилото, кој добро ја познава плимата.
Во 2022 година, контејнерски брод се насука во заливот, а истрагата доведе до тоа да им се забрани на кормиларите да користат мобилни телефони додека управуваат со брод кој минува од таму.
Мостот во Балтимор, кој денеска се урна откако во него удри сингапурскиот товарен брод, отворен е во март 1977 година и именуван по авторот на американската национална химна, Френсис Скот Ки. Долг е 1,6 милји (2,6 км). Накратко се нарекува „Кеј Бриџ“ (Клучен мост). Првично го крстиле „Премин преку пристаниште“ (Outer Harbor Crossing), а тоа име го задржал се додека не бил преименуван во 1977 година. Ги поврзува долниот тек на реката Патапско и надворешното пристаниште во Балтимор.Главниот распон на мостот (366 метри) е трет најдолг решеткаст распон.Мостот е долг 2.632 метри, а ако се вклучи и должината на пристапните патишта, тогаш неговата должина изнесува вкупно 17,54 километри. Се проценува дека годишно преку него минувале околу 11,5 милиони возила.
Изградбата на мостот започнала во 1972 година, а бил пуштен за сообраќај на 23 март 1977 година.
Во септември 1814 година, американскиот адвокат и поет Френсис Скот Ки, по кого мостот го добил името, бил сведок на британскиот пораз во битката за „Форт Мек Хенри“, а песната што тогаш ја напишал подоцна ќе стане американска национална химна „Ѕвездено знаме“ (Star-Spangled Banner).
Наводно, ноќта помеѓу 13 и 14 септември побрзал да стаса до местото од каде што можела да се види тврдината „Мек Хенри“, единствената пречка при англиската инвазија на Балтимор.
Кога конечно осамнало, го видел американското знаме кое уште било на своето место. Инспириран од сцената, Френсис Скот Ки ги напишал зборовите на „Ѕвездено знаме“.
„О, кажи, можеш ли да видиш, до раната светлина на зората…“ (O say, can you see, by the dawn’s early light…), е почетокот на песната што во 1931 година ќе биде официјално прифатена како американска химна.
(Фото: Роберто Шмид / АФП)