Неформалната вечера на балканските лидери во Брисел без многу детали за јавноста

LinkSense.mk

Премиерот Димнитар Ковачевски, неговите колеги од регионот, и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, учествуваа на неформална лидерска вечера организирана од шефот на ЕУ дипломатијата, Жозеп Борел, во контекст на војната на европскиот континент и без многу детали за јавноста, јави дописничката на МИА од Брисел.

Македонскиот премиер Ковачевски, кусо само се обрати синоќа пред почетокот на вечерата, без прашања од новинарите, за да повтори дека проширувањето кон Западен Балкан и отпочнувањето на преговорите со Северна Македонија, блокирани од Бугарија, се безбедносно прашање за Европа.

-За Северна Македонија ќе разговараме со потпретседателот Борел за потребата од итно отворање на преговорите и одржувањето на првата меѓувладина конференција помеѓу ЕУ и Северна Македонија бидејќи проширувањето на ЕУ не е само економски или политички процес, туку во контекст на новите геополитички настани со војната во Украина, станува прашање на безбедност за Западен Балкан, изјави соноќа Ковачевски.

Од страна на Борел исто така не беа дадени детали за дискусиите кои се одржаа вчера помеѓу шесте премиери и претседатели од регионот, на кои прв пат им се придружи лидерот на Република Српска, Милорад Додик.

„Фокусот на дискусиите во средата беа глобалните и регионалните последици од нелегалната и неиспровоцираната војна на Русија против Украина и нејзиниот народ и како ЕУ и партнерите од Западен Балкан можат заедно да се справат со штетните последици од оваа војна врз цените на храната и енергијата и регионалната и глобалната стабилност, велат прес-службите на Борел.

На маса било усогласувањето на регионот со санкциите на ЕУ, во овој дел Северна Македонија е меѓу најдобрите ученици, но проблем претставува Србија. Шефот на ЕУ дипломатијата им повторил на лидерите од регионот дека е важно да се ограничи капацитетот на Москва да ја финансира војната.

За преговорите со Северна Македонија и Албанија, станало збор во контекст на изменетата геополитичка состојба, но Бугарија останува на тврдиот став, велат дипломати за МИА, и шансите за деблокирање на процесот се многу мали.

Главните дискусии се воделе околу економските и енергетските последици од оваа војна врз регионот, и ситуацијата во Косово и Босна и Херцеговина.

Оваа вечера се организира неформално како начин да се опипа пулсот на лидерите пред претстојниот Совет на ЕУ за надворешни работи кој ќе се одржи в понеделник во Брисел. На овој совет министрите за надворешни на ЕУ ќе имаат неформална размена на мислење со нивните колеги од земјите од Западниот Балкан.