Нова најголема инвестиција од 126 милиони евра на „Гересхајмер” од основањето на ТИРЗ

LinkSense.mk

Германската фармацевтска компанија „Гересхајмер” отвора нова фабрика во ТИРЗ Скопје 2 во која ќе вложи над 126 милиони евра, што претставува рекорден износ на инвестиција од основањето на Технолошко-индустриските Развојни Зони (ТИРЗ).

Одлуката за инвестицијата на компанијата ја соопшти потпретседателот на „Гересхајмер”,  Оливер Бургел на средбата со премиерот Димитар Ковачевски и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски.

Премиерот Ковачевски искажа задоволство од одлуката на компанијата  „Гересхајмер” да инвестира во Северна Македонија што е потврда за владините економски политики и позитивната инвестициска клима во земјава. Дополнително, премиерот Ковачевски истакна дека новите инвестиции и вработувања во услови на светска криза се од голема важност за подобрување на стандардот на граѓаните и економскиот развој. Во оваа насока премиерот посочи дека Владата силно го поддржува дуалното образование за кариерен развој на младите лица, како и соодветни тренинг програми со цел продуцирање на квалификуван кадар за потребите на компаниите.

Премиерот Ковачевски ја истакна важноста на германските инвеститори во земјата, како и рекордно зголемената трговската размена меѓу Северна Македонија и Германија. Премиерот подвлече дека Владата продолжува да создава деловен амбиент за развој на бизнисите преку регионалните иницијативи, како „Отворен Балкан”, како и со редовна комуникација со Стопанските комори за компаниите да имаат предвидлив деловен амбиент и да можат долгорочно да ги планираат инвестициските циклуси.

Директорот на ТИРЗ, Деспотовски нагласи дека со ова Северна Македонија влегува на мапата земји кои имаат капацитет и услови за сериозно големи висококвалитетни инвестиции од кои има директен бенефит за граѓаните и државата. Тој додаде дека ова се должи на новиот концепт на ТИРЗ кој се базира на препознавање на потребите на инвеститорите и флексибилниот пристап. Исто така нагласи дека клучен адут во привлекувањето на странски инвестиции во контекст на глобалните случувања е стабилноста гарантирана со членството во НАТО.

На состанокот потпретседателот на „Гересхајмер”, Бургел истакна дека Северна Македонија има одлична клима за водење бизнис. Пристапот до квалитетна инфраструктура, соодветна квалификувана работна сила и добрите пракси на работење биле клучни за одлуката за оваа голема инвестиција, нагласија од менаџментот на компанијата „Гересхајмер”.

Во новата фабрика на фармацевтскиот гигант „Гересхајмер” со високо-напредна технологија ќе се произведуваат специјализирани производи од медицинско стакло и шприцеви за вакцини и сл. Планирано е отворање на над 180 нови работни места со просечна плата двојно над државниот просек. Почетокот на градбата се планира во третиот квартал од 2022 година, додека сериското производство треба да започне во 2024 година.

„Гересхајмер” во ТИРЗ 2  веќе го реализира првиот проект за производство на технолошки продукти за фармацевтската индустрија. Првичната инвестиција од 25 милиони е веќе зголемена на над 60 милиони евра.

Со успешната реализација на двата проекти на „Гересхајмер”, Северна Македонија ќе прерасне во една од најатрактивните инвестициски дестинации на компанијата за сите идни планови за проширување на активностите во Европа.

„Гересхајмер” е  водечки глобален партнер во фармацевтската и здравствената индустрија кој произведува специјализирани производи од медицинско стакло и пластика, како шприцеви, канили, шишенца за вакцини и сл. Оваа компанија има погони за производство во над 36 локации во Европа, Северна и Јужна Америка и Азија со околу 10.000 вработени и остварува приходи од приближно 1,4 милијарди евра.