Новинарите на РТВ Словенија на еднодневен штрајк: „Сакаме независен сервис и новинарска автономија“

LinkSense.mk

Утринава, новинарите на РТВ Словенија започнаа еднодневен, претходно најавен, предупредувачки штрајк против раководството на нивната куќа, а за „независен РТВ сервис“.

Штрајкот го поддржа и Здружението на новинари на Словенија.

Покрај скратените информативни емисии, новинарите ќе објават и штрајкувачки проглас со свои барања, во кој ќе се наведе дека работат во „неподнослива состојба“, во услови кога заради „штетни потези“ на актуелното раководство угледот на јавната телевизија паѓа.

Тие објавија и неколку текстови на сајтот на РТВ Словенија со хаштаг #зајавниртв (#zajavnirtv) во кои пишуваат за причините за штрајкот.

Ова не е штрајк против владата или јавноста, туку против раководството на телевизијата, штрајк за независен сервис на РТВ Словенија“, наведуваат новинарите на Словенечката радио и телевизија.

Тие истакнаа дека бараат новинарска автономија и социјален дијалог, како и зголемување на минималната плата.

Укажуваат и на укинувањето или промената на форматот на некои програми што се гледаат на словенечката телевизија, што го припишуваат на влијанието на раководството, програмскиот совет и водечките уредници кои добија големо влијание за време на власта во заминување на Јанез Јанша, која често ги напаѓаше новинарите на националната телевизија заради наводна политичка необјективност и пристрасност во известувањето.

Ако не се постигне договор за нивните барања со раководството на радиодифузерот до крајот на месецот, новинарите бараат заминување на актуелниот извршен директор Андреј Грах Ватмог и претседателот на програмскиот совет Петар Грегорчиќ.

Идниот словенечки премиер Роберт Голоб во текот на предизборната кампања во неколку наврати изјави дека целта на новата влада ќе биде „деполитизација“ на јавната телевизија, вклучително и кадровски промени во врвот.