Октриени бродови на дното на Црно море

Меѓународен тим на археолози во Црно море откри остатоци од 40 бродови од кои некои се стари повеќе од 1.000 години, што фрла ново светло на средновековните трговски патишта и држави.

Бродовите лежат во бугарските територијални води, на длабочина од околу 800 метри, а нивните јарболи, дрвените конструкции и други делови одлично се сочувани во ледените длабочини поради недостатокот на кислород.

Екипата истражувачи оваа есен спуштија робот кој направи илјадници фотографии со висока резолуција од остатоците на тие бродови. Компјутерот после тоа ги спои фотографиите во една детална целина.
Археолозите претпоставуваат дека дел од бродовите припаѓаат на венецијанската трговска флота која често пловела по Црното море.

Како што наведува Њујорк тајмс, ова е прв пат истражувачи да пронајдат ваков тип на бродови, во толку добра состојба.

Изненадува постоењето на коамнден мост, од каде што капетанот управувал со бродот и со екипажот кој, според некои проценки, броел околу 20 морнари.

„Не можевме да им веруваме на сопствените очи“, рекол Родриго Пачело Руиз, еден од членовите на експедицијата, инаку археолог на Универзитетот Саутемптон во велика Британија.

Научниците предвидуваат дека остатоците се од византиски бродови од 9 век, до бродови од Османлиското царство од 19 век, наведува Њујорк тајмс.

Тие се наоѓаат во извонредна состојба, што се покажува и на фотографиите, на кои може да се видат недопрени ортоми и дрвени скулптури и украси на бродовите.

Истражувањето сеуште не е завршено, па археолозите очекуваат уште пронајдоци, главно добро сочувани предмети кои овие бродови ги превезувале.

Од меѓународниот тим на научници кој истражил бројни остатоци од бродови во Црното море, наведуваат дека неколку десетици илјади изгубени бродови во тоа море најверојатно ја доживеале истата судбина и дека се сочувани на ист начин.

Познатиот океанограф Вилијар Баском уште во 1976 година во својата книга „Длабоки води, антички бродови“ го опиша Црно море како исклучителна локација за подводна археологија и едно од надјобрите места на светот за таков вид на истражување.

Во прилог на тоа говорат и откритијата на пронаоѓачот на остатоците од „Титаник“, Роберт Балард. Тој во 2002 година во Црно море пронајде остатоци од грчки брод стар 2.400 години, а во една од амфорите кои тој брод ги превезувал пронајдени се сочувани испечени рибни филети, кои често биле послужувани на трпезите во античка Грција.

Тимот од меѓународни археолози добил од бугарските министерства за култура и за надворешни работи посебна дозвола за да ги истражат длабочините на Црно море. Експедицијата почна со работа минатата година и ќе трае и во наредните две години.