„Омикрон“ потврден во Италија, Германија, Британија ….

LinkSense.mk

Во Италија е откриен првиот случај на зараза со новиот ковид – вид „омикрон“ кај маж во подрачјето на Наполи, кој се вратил од Мозамбик, објави италијанскиот Висок здравствен институт. По двајца заразени со „омикрон“ денес беа потврдени и во Велика Британија и Германија.

До овие нови случаи, „омикрон“, како што експертите од Светската здравствеа организација го именуваа овиот вид на вирусот, беше идентификуван само во Јужна Африка, Боцвана, Хонг Конг, Израел и Белгија.

Лабораторијата во болницата Сако во Милано, специјализирана за заразни болести, кај пациет кој дошол од Мозамбик утврди присуство на новата варијанта на ковид-19. Пациентот и членовите на неговото семејство се со добро здравје. Закажано е секвенцирање на примероците земени од неговите роднини кои живеат во областа Кампанија“, се наведува во соопштението на италијанскиот здравствен институт.

Италија, која има повеќе од 133.000 починати од почетокот на пандемијата, во петокот забрани влез на својата територија на сите лица кои во последните 14 денови престојувале во Јужна Африка. Освен тоа сите летови од таа држава се забранети.

Владата издаде наредба со која бара сите лица кои престојувале во Јужна Африка во последните две седмици, а веќе се на италијанско тло, веднаш да се јават на здравствените власти, да направат молекуларен тест, да останат во карантин 10 дена и потоа да го повторат тестот.

Италија доживува пораст на новозаразени со ковид-19 и се обидува да се заштити на сите начини. Во последните денови таму има по повеќе од 10.000 новозаразени дневно. Вчера беа регистрирани дури 12.877 инфицирани лица.

Значително покачениот број на новозаразени ја примора италијанската влада на итна вонредна седница да донесе одлука за да се забрза вакцинирањето со трета, бустер доза, вакцина против ковид и да воведе построги ограничувања за невакцинираните.

„Два случаја а ковид-19 со мутации компатибилни на Б.1.1.529 идентификувани се во Обединетото Кралство“, објави британското Миистерство за здравство.

Тие два случаја со варијантата „омикрон“, се наведува во соопштението, поврзани се и идентификувани после „патување во Јужна Африка.

Премиерот Борис Џонсон најави дека носењето маски ќе биде задолжително во продавниците и во јавниот превоз во Велика Британија.

„Заради новиот вид на корона вирус бараме секој кој влегува на територијата на Обединетото Кралство да има резултат од ПЦР тест два дена по доаѓањето и да биде во изолација додека не го добие резултатот“, рече Џонсон.

До сега во Обединетото Кралство беше на сила само обврската за антиген тест два дена после пристигнувањето на островот, а изолацијата не беше потребна.

Сите лица кои ќе имаат контакт со заразен со „омикрон“ ќе мораат во самоизолација.

Германија ги потврди своите први два случаја на зараза со „омикрон“ во Минхен, објави баварскиот министер за здравство.

Двете лица стигнале во Германија со авион од Јужна Африка на 24 ноември“, истакна во своето обраќање министерот Клаус Холетшек.

Во петокот случај на зараза со „омикрон“ е детектиран и во Белгија, кај жена која стигнала од Египет преку Турција.

Државите членки на Европската унија во петокот се договорија времено да ги суспендираат патувањата од Јужна Африка во Унијата после откривањето на новата варијанта на корона вирус.

Одборот во кој се здравствени експерти од 27 држави членки ги повика земјите од ЕУ да ги тестираат сите патници кои доаѓаат од таа држава и да пропишат задолжителен карантин за нив.

61 патник, од близу 600 кои од Јоханесбург во петокот стигнаа на аеродромот Сипхол во Амстердам се ставени во изолација.

 

Експлозија во Европа

Доаѓањето на новиот вид на ковид-19 во Европа се случува во моментот кога континентот е веќе соочен со експанзија на зараза и ги зајакнува санитарните мерки.

Стравувањата од „омикрон“ веќе ги срушија цените на нафтата, а петокот беше најлошиот ден во последните 17 месеци, според податоците од берзата.

Голем број фармацевтски фирми објави дека работи на прилагодување на вакцините на новата загрижувачка варијанта на корона.

Нова вакцина би можела многу брзо да биде развиена“, смета британскиот научник Андреј Полард, директор на „Групата од Оксфорд“, кој ги водеше истражувањата за вакцината Оксфорд/Астра Зенека.

Полард смета дека е „крајно невозможно“ новата варијанта да се прошири на луѓето кои се веќе вакцинирани.

И „Астра Зенека“, како и сродните производители, како што се „Фајзер/Бионтек“, „Модерна“ и „Новавакс“, изразија уверување дека се способни да го победат „омикрон“.

Речиси 54 отсто од светското население примило по една доза вакцина против ковид-19, но во земјите со ниски приходи тој процент е само 5,6 отсто, според податоците на порталот „Нашиот свет низ податоци“ (Our World in Data).

Во Јужно Афричката Република, африканска држава која е најмногу погодена со ковид, потполно се вакцинирани 23,8 отсто од населението.

(Фото: ЕПА)